Македонски Shqip English

Антонио Павловски

ПРАВНАТА РЕГУЛАТИВА ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

 

Регионот на Охридското Езеро е еден од триесет и петте локалитети во светот кои истовремено се и природно и културно наследство на УНЕСКО. За наследство на УНЕСКО е прогласено во далечната 1979 година1 и се простира на 83350 ha. Според официјалните податоци на УНЕСКО,2 Охридското Езеро е едно од најстарите (2-3 милиони години) и најбистрите езера во светот и претставува извонреден природен феномен кој дава прибежиште на повеќе од 200 ендемични видови растителен и животински свет.

Неодделив дел од еко-системот на Охридското Езеро е и планината Галичица во која се наоѓа Националниот Парк Галичица, прогласен во далечната 1958 година. Поради значењето на растителниот и животинскиот свет, НП Галичица е дел од повеќе форми на заштита: од страна на Унијата за заштита на природата (IUCN) е дефиниран како исклучително важен регион, прогласен е за Значително подрачје на растенија, Примарно подрачје за пеперутки и Емералд подрачје (Натура 2000 подрачје, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ) и е дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО (во светот постојат само 31 ваков прекуграничен биосферен резерват).3

ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО

Во Република Македонија, примарно, заштитата на Охридското Езеро е уредена со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (Сл. весник на РМ, бр. 75/2010).4 Според чл. 10 од овој Закон, управувањето го координира Комисија за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. За управувањето со светското наследство на УНЕСКО, Владата донесува деветгодишен план (чл. 13) во кој се содржани податоци за вредностите, знчењето, особеностите, границите, факторите и ризиците кои го загрозуваат светското наследство. Во делот на природното наследство, надлежни за спроведување на планот се: Управата за животна средина, градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца и имателите на природно наследство, секој во рамките на своите надлежности. Според одредбите од овој Закон (чл. 29), Јавната научна установа Хидробиолошки завод - Охрид е надлежна за предлагање и преземање мерки за заштита на светското природно наследство на Охридскиот Регион, негово научно истражување и промовирање и обезбедување на генетски материјал од видовите, а Националниот Парк Галичица, пак, е надлежен за преземање мерки на заштита во границите на националниот парк. Управата за животна средина е должна на секои 6 години да подготви извештај за состојбата на светското природно наследство на Охридскиот Регион во кој се презентира состојбата, степенот на засегнатост, мерките кои се преземени, но се даваат и идни препораки (чл. 30). Се поставува прашањето, дали не е предолг временскиот период од 6 години, со оглед дека Охридскиот Регион секојдневно се соочува со големи промени и ризици!?

Заштитата на природното наследство подетално е уредена во Законот за заштита на природата (Сл. весник, бр. 67/2004, 14/2006 и 84/2007)5. Со овој закон се уредува заштитата на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност. Според чл. 2, заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес. Со одредбите на чл. 192 беше укинат Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (Сл. весник на СРМ, бр.45/77, 8/80 и 51/88)6, кој претходно беше lex specialis и примарно ја уредуваше заштитата на Охридското Езеро.

Правните норми кои се однесуваат на заштитата на Охридското Езеро можеме да ги најдеме и во највисокиот правен акт, Уставот на РМ. Имено, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (чл.8).7

Интересно е да се спомене дека и Уставниот Суд на Република Македонија многупати давал мислења во однос на заштитата на Охридското Езеро.8

МЕЃУНАРОДНА РЕГУЛАТИВА

Од меѓународните документи кои се ратификувани од страна на Република Македонија најзначајна е Конвенцијата за зачувување на светското културно и природно наследство, попозната како Конвенција на УНЕСКО9 (Сл. весник на СФРЈ, 56/74),

донесена на 1972 година. Понатаму следат, Конвенцијата за биолошка разновидност10, ратификувана 1997 год. (Сл. весник на РМ, 54/97), Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици, попозната како Рамсарска конвенција11 (Сл.лист на СФРЈ 9/77), Конвенцијата за заштита на миграторни видови диви животни - Бонска конвенција12 (Сл. весник на РМ, 38/99), Конвенцијата за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа - Бернска конвенција13 (Сл. весник на РМ, 49/97), донесена од страна на Советот на Европа во 1979 година.

Исто така, Европската Унија е посветена да се запре губењето на биолошката разновидност и деградација на екосистемите до 2020 година и работи активно на тој план. Во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, секогаш заштитата на животната средина содржи остри ноти. Експертите предупредуваат дека поглавјето посветено на животната средина ќе биде едно од најтешките и најобемни поглавја.

ШТО ПРАВИМЕ И ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ?

Иако Охридскиот регион претставува едно од најстарите заштитени подрачја на УНЕСКО, сѐ погласни се информациите за одземање на тој статус. Негрижата на надлежните институции, загрозувањето на изворите кај Свети Наум, сечењето на крајбрежната трска, легализацијата на објектите на крајбрежјето на Охридското Езеро14, покривањето на голем дел на езерото со бетонски платформи и изградбата на големи туристички комплекси се само дел од чекорите кои, за жал, водат кон тоа. Дополнително, состојбата ја влошуваат плановите на Владата за сушење на Студенишкото Блато (со цел изградба на објекти на езерскиот брег) кое има значајна улога во постоењето на езерото и е нераскинлив дел од целиот екосистем, но и плановите за изградба на ски-центар на Галичица, со што би се уништиле 400ха значајно природно наследство. Стручната јавност беше јасна дека реализацијата на овие проекти ќе има неповратно негативно влијание врз биолошката разновидност, почвата и водите и дека нема да бидат возможни корективни мерки, а сето тоа води кон ставање под знак прашалник на статусот на УНЕСКО.

Иако, навидум имаме солидна законска рамка за заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, сепак, се поставува прашањето каде грешиме. Дали во имплементацијата на законските мерки, дали во управувањето на надлежните институции

или пак во волјата на владеачките структури?

Заштитата на Охридското Езеро не може (и не смее!) да чека. Потребни се итни мерки на дело и стопирање на сите процеси кои водат кон губење на највредното што го имаме - Охридското Езеро.

 

1 Еден од најстарите прогласени локалитети на УНЕСКО
2 http://whc.unesco.org/en/list/99
3 https://www.change.org/p/save-the-oldest-and-deepest-lake-in-europe-lake-ohrid-needs-your-action?recruiter=324603718&utm_source=share_petition&utm_medium=email&utm_campaign=share_email_responsive
4 http://www.slvesnik.com.mk/Issues/AF5188D67203CF4F87B6609ACA269540.pdf
5 http://www.slvesnik.com.mk/Issues/E2B653116A9DA5439B5A8B715F258DE0.pdf
6 http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/09/Zakon%20za%20zastita%20na%20Ohridskoto,%20Prespanskoto%20i%20Dojranskoto%20Ezero%2023.12.1977.pdf
7 http://www.sobranie.mk/WBStorage/Files/UstavnaRmizmeni.pdf
8 http://www.ustavensud.mk/domino/WEBSUD.nsf/ffc0feee91d7bd9ac1256d280038c474/43cd7dfec2f9b80fc125716b0047c597?OpenDocument
9 http://whc.unesco.org/en/conventiontext
10 https://www.cbd.int/
11 http://www.ramsar.org/
12 http://www.cms.int/
13 http://www.coe.int/en/web/bern-convention
14 Додека, Албанија ги сруши сите градби кои се наоѓаа во појасот од 50 метри од езерскиот брег (не само оние кои биле нелегално изградени, туку и оние кои имале дозвола за градба, но се наоѓале во овој појас), ние ги легализиравме.