Македонски Shqip English

Маја Стојаноска

РОДОВАТА (НЕ)ЕДНАКВОСТ – АКТУЕЛНА И ВО 21 ВЕК

 

Вовед

 Концептот на еднакви можности на мажите и на жените сè уште претставува прашање што се проблематизира со оглед на фактот дека еднаквоста на жените според традиционалните сфаќања подразбира „право на жената да биде еднаква со мажот“1.

 Нееднаквоста на жените и мажите, односно нееднаквата дистрибуција на права, ресурси и моќ помеѓу мажите и жените е евидентна и од многуте статистички податоци. Па така, жените во сите делови на светот страдаат од дискриминација и насилство и се соочуваат со нееднакви почетни позиции во однос на пристапот до образование, здравствената заштита, пристојна работа, застапеноста во процесот на политички и економски одлуки итн.

 Човековите права се универзални, неделиви и меѓусебно зависни, и правата на жените- економски, политички, културни, репродуктивни и сексуални, вклучувајќи телесна автономија и интегритет- се официјално признати како човекови права.

 Родовата еднаквост е темелна вредност чие постигнување има огромни социо-економски последици. Зајакнувањето на жените води кон просперитетна економија, поттикнување на продуктивноста и економски раст. Но и покрај тоа, родовите нееднаквости остануваат длабоко вкоренети во денешните општества.

 Жените и девојките претставуваат половина од населението во светот, а со тоа и половина од неговиот потенцијал. Сепак, и денес родовата нееднаквост ја има насекаде. Нееднаквостите со кои се соочуваат жените може да започнат со самото нивно раѓање и да ги следат низ целиот животен тек. Во некои земји, намалениот пристап до здравствена заштита или соодветна исхрана, доведува до повисока стапка на смртност на жените. Во адолесценцијата половите разлики се прошируваат. Многу поголем број на девојчиња стапуваат во малолетни бракови отколку момчиња. На глобално ниво, речиси 15 милиони девојчиња помлади од 18 години стапуваат во брак секоја година - или 37.000 секој ден. 2 Малолетните бракови, исто така, влијаат на образованието на девојчињата. Околу една третина од земјите во развој не можат да постигнат родовата еднаквост во основното образование.3

Родовата нееднаквост се рефлектира како на ниво на законски прописи така и во примената на секојдневните обичајни правила на однесување. До 2014 година, 143 земји ја гарантираат еднаквоста помеѓу мажите и жените во нивните устави, а 52 сè уште не го презеле овој чекор.4

 

Меѓународна правна рамка на родовата еднаквост

 

Повеќе од три децении, меѓународната заедница прави сериозни напори со цел подигнување на свеста во однос на прашањето на родовата еднаквост и елиминирање на дискриминацијата на жените.

* Организацијата на обединетите нации (ООН)

Еднаквоста на правата на жените е основен принцип на ООН5. Генералното собрание на ООН во Париз на 10 декември 1948 ја донесе Универзалната декларација за човековите права и слободи6. Подготвена од страна на претставници со од сите региони на светот, различни правни и културни средини, таа е документ кој претставува пресвртница во историјата на човековите права.

Во преамбулата на Повелбата на Универзалната Декларација за човековите права и слободи на ОН родовата еднаквост е поставена како една од централните цели на организацијата во однос на реафирмација на "вербата во основните човекови права, во достоинството и вредноста на човековата личност, во еднаквите права на мажите и на жените"7

 Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права8 и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права9, и двата од 1966 година, ги пренесуваат принципите на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација во правно обврзувачка форма, јасно е наведено дека правата кои се утврдени се однесуваат на сите лица, и го истакнуваат полот како недозволива основа за разлика. Покрај тоа, секој пакт ги обрзува државите кои го имаат ратификувано да преземат мерки за да се обезбеди дека мажите и жените имаат еднакво право на уживање на сите права што ги воспоставуваат.

Обединетите нации, исто така, го започнаа одбележувањето на Меѓународниот ден на жената во 1975 година. Во 1977 година, Генералното собрание на Обединетите нации ги покани земјите-членки да го прогласат 8 март како ден на ООН за правата на жените и мирот во светот. Секоја година овој ден се фокусира на определена тема, а оваа година темата за Меѓународниот ден на жената 8 март беше "Жените во менување на светот на работата: Планета 50-50 од 2030 година".10

 Суштествен документ кој сеопфатно ги регулира правата на жената и родовата еднаквост е Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW), која е усвоена во 1979 година од страна на Генералното собрание на ООН. Оваа Конвенција уште се нарекува и Меѓународен закон за правата на жените. 11

Таа содржи преамбула и 30 членови во кои се дефинираат сите аспекти на дискриминацијата врз жените. Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената е правно обврзувачка за земјите потписнички и претставува еден вид на национална акција за ставање на крај на дискриминацијата врз жената.

Оваа Конвенција е базирана на неколку принципи, и тоа: принципот на еднаквост, недискриминација и принципот на обврска на државата. Таа го промовира концептот суштествена еднаквост, односно на еднаквост на можностите и пристапот до ресурси, како и концептот на еднаквост во резултатите. Овие принципи и концепти треба да придонесат кон овозможување еднакво учество на мажите и жените во сите области на општественото живеење и еднаков статус и третман во остварувањето на правата.

Конвенцијата обезбедува основа за остварување на еднаквоста помеѓу жените и мажите преку обезбедување еднаков пристап и еднакви можности во политичкиот и јавниот живот - вклучувајќи го и правото да гласаат и да се кандидираат на избори - како и образованието, здравството и вработувањето. Државите потписнички на оваа Конвенција се согласни да ги преземат сите соодветни мерки, вклучувајќи и законски измени и привремени специјални мерки, со цел жените да можат да ги уживаат сите свои човекови права и основни слободи.

Оваа конвенцијата е единствен договор за човекови права со кој се афирмираат репродуктивните права на жените и кој цели кон култура и традиција како влијателни сили кои ги обликуваат родовите улоги и семејните односи. Државите потписнички, исто така, се согласни да преземат соодветни мерки за спречување на сите форми на трговија со жени и експлоатација на жените.12

 На Четвртата светска конференција за жената, организирана од ООН во Пекинг, НР Кина, во септември 1995, беше донесена Декларација (позната како Пекиншка декларација) и Платформа за акција. Со прифаќањето на Пекиншката декларација и Платформата за акција, меѓународната заедница се обврза за подобрување на статусот на жените и нивно зајакнување во јавниот и во приватниот живот. Земјите членки на ООН се обврзаа за имплементација на Платформата за акција, која опфаќа области од посебен интерес за жените. Областите се однесуваат на жените и на сиромаштијата, образованието, жените и здравјето, насилството, жените во вооружените конфликти, жените и економијата, жените и моќта и учеството во процесите на донесување на одлуки, институционалните механизми за зајакнување на жените, жените и човековите права, жените и медиумите, жените и животната средина и грижата за женските деца.13

Милениумските развојни цели се осум меѓународни развојни цели кои беа дефинирани на Милениумскиот Самит на Обединетите нации во 2000 година, по донесувањето на Милениумската декларација на Обединетите нации. Овие развојни цели требаше да бидат постигнати до 2015 година. Трета од милениумските развојни цели беше и промовирањето на родовата еднаквост и зајакнување на жените. Сепак, иако светот постигна напредок во однос на родовата еднаквост и зајакнувањето на жените во рамките на Милениумските развојни цели, вклучувајќи и еднаков пристап до основно образование помеѓу девојки и момчиња, жени и девојки продолжуваат да страдаат од дискриминација и насилство во многу делови од светот.

 Во септември 2015 година, владите се обединија зад амбициозна агенда која има нови 17 цели за одржлив развој и 169 цели кои имаат за цел крај на сиромаштијата, борба против нееднаквостите и да се промовира просперитет, при тоа заштитувајќи ја животната средина од 2030 година. Овие цели се следбеници на милениумските развојни цели.14

* Совет на Европа

Советот на Европа во 2011 год. ја донесе Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, која влезе во сила во 2014 година, а беше донесена и Стратегијата за еднаквост 2014-2017 на Советот на Европа.

Овој нов суштински договор на Советот на Европа отвора пат за создавање на правна рамка на пан-европско ниво за заштита на жените од сите форми на насилство и да се спречи, гонење и елиминација на насилството врз жените и семејното насилство. Конвенцијата, исто така воспоставува посебен механизам за мониторинг ("GREVIO") со цел да се обезбеди ефикасно спроведување на одредбите од страна на Договорните страни.15

* ЕУ

Во однос на Европската Унија (ЕУ), таа се залага за еднаквост помеѓу мажите и жените и родовата еднаквост е позиционирана како едно од фундаменталните начела кои се инкорпорирани во сите договори за нејзино воспоставување.16

Изработката на правото на ЕУ за родова еднаквост и неговото транспонирање во националното законодавство е фазен процес кој започна на почетокот на шеесеттите години. Во 1957 година, Договорот за воспоставување на Европската економска заедница, од која потекнува сегашната ЕУ, содржеше само една единствена одредба за родовата дискриминација, имено, начелото на еднаква плата на мажите и жените за еднаква работа.17 После основните договори за ЕУ, усвоени се голем број на директиви кои ја регулираат материјата во врска со родовата еднаквост18. Природата на директивите дозволува регулирање на материјата пропишана со неа да биде правно регулирана и имплементирана на начин на кој земјата членка ќе избере меѓутоа почитувајќи три типични пристапи кон родовите прашања во рамките на политиката за родова еднаквост: еднаков третман, позитивна акција и интегрирање на родовата перспектива во главните општествени текови.19

Директивите и препораките на ЕУ ја регулираат родовата еднаквост се доказ за заложбата на ЕУ за спроведување на начелата на родовата еднаквост и тие се предмет на понатамошно толкување на Судот на правдата на ЕУ.

 

Национална правна рамка на родовата еднаквост

 

Во Република Македонија (РМ) родовата еднаквост претставува една од вредностите на уставниот поредок. Во таа насока РМ има развиено правна и институционална рамка која

треба да овозможи реализирање на поголема родова еднаквост во сите домени на општественото делување.

Начелото на родова еднаквост и недискриминација е воспоставено во највисокиот правен акт, Уставот на РМ20, кој во својот член 9 ги гарантира правата и слободите на граѓаните независно од полот, етничката припадност и на социјалниот статус. Вредностите втемелени во Уставот на РМ се проследени преку низа закони и акти што се темелат врз принципот на еднаквост и недискриминација.

 

Закони кои ја регулираат дискриминацијата врз основа на полот и кои ја афирмираат родовата еднаквост се: Законот за еднакви можности на жените и мажите21, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Изборниот законик и Законот за работни односи.

Од суштинско значење е Законот за еднакви можности на жените и мажите кој дава насоки за вклучување на принципот на еднакви можности во главните текови на реорганизирање, подобрување, развивање и процена на политичките процеси на сите нивоа и во сите фази. Овој закон, исто така, ја поставува институционалната рамка за воспоставување родова машинерија, која е потребна за да ги поддржи и да ги обезбеди сите неопходни процеси за постигнување целосна родова еднаквост.22 Законот неколку пати беше изменет и дополнет со цел негово хармонизирање со Европското acquis23.

 Понатаму, според промените во изборниот законик во 2015, најмалку 40% од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол и тоа на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места (собранието, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје).24

Националната стратегија за родова еднаквост (2013–2020)25 и Стратегијата за воведување на родово одговорно буџетирање (2012–2017) се исто така усвоени од страна на државата со цел унапредување на родовата еднаквост.

Стратегијата за родова еднаквост 2013–2020 беше донесена со цел унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во РМ. Стратегијата претставува документ „кој ја обезбедува рамката за целосна еднаквост на жените и мажите како крос-секторски, хоризонтален и универзален социјален и политички

приоритет.“26 Дополнително, Стратегијата содржи суштински чекори и насоки кон целосно остварување на родовата еднаквост во РМ.

Следејќи ги меѓународните текови, нашата земја има усвоено голем број на меѓународни документи кои ја засегаат родовата еднаквост и еднаквите можности на жените и мажите, а се донесени од страна на ООН, ЕУ, Советот на Европа и други.

Македонија со акт на сукцесија во 1994 година ја прифати Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената со што се создаде и правна можност и обврска за државата за транспонирање на нејзините одредби за правата на жената и родовата еднаквост во националното законодавство. Дополнително, со ратификувањето на Факултативниот протокол на оваа Конвенција, се овозможува поднесување на индивидуални случаи на прекршување на женските човекови права до Комитетот задолжен за следење на оваа Конвенција при ООН.27

 Сепак, РМ ја нема ратификувано Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира низ повеќе одредби овие специјално насочени видови насилство кон жените и девојките. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на случаите на насилство врз жени и адекватно казнување на сторителите, а воедно ќе понуди и системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејното насилство28.

 

Заклучок

Унапредувањето на родовата еднаквост е од клучно значење за благосостојбата на општествата. Сепак, жените и во 21 век продолжуваат да се соочуваат со дискриминација во многу области.

Меѓународната и националната нормативно-правна рамка на родовата еднаквост е динамична и сеопфатно ја регулира оваа материја. Меѓутоа реалноста има потреба од практична имплементација на сите документи посветени на родовата еднаквост и многу повеќе акции за нејзино остварување.

Вреди да се напомене дека постојат и такви правни акти кои предвидуваат единствено еднаков третман на мажите и жените на неефективен начин. Со оглед на тоа дека двата пола немаат иста почетна позиција, еднаквиот третман на двата пола нема да ги донесе посакуваните резултати имајќи предвид дека нормативно правната рамка мора да

обезбеди иста почетна позиција на различните полови, имајќи ги предвид нивните природни разлики.

Во РМ постоечките закони, стратегии и акциски планови рефлектираат тенденција за унапредување на родовата еднаквост. Меѓутоа неимплементација на политиките за родова рамноправност и отсуството на политичка и општествена волја за сериозно и одговорно промовирање на концептот на родова рамноправност придонесуваат кон одржувањето на родовата нееднаквост и дискриминацијата. Потребно е подигање на свеста на граѓаните за препознавање на родовата нееднаквост и делување во насока на остварување на родовата еднаквост со цел отказите поради бременост, помалку платениот труд, мобингот и насилството да останат во минатото.

Зајакнувањето на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување е потребна основа за просперитет и одржливост, затоа што силни жени значат силно општество.

 

 

 

 

1 Официјална веб страница на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, достапна на http://www.esem.org.mk/index.php/sto-rabotime/13-shto-rabotime/90-ednakvi-moznosti
2 „Родова еднаквост - зошто е важна” ,Цели за одржлив развој, ООН, достапно на http://www.un.org/sustainabledevelopment/wp-content/uploads/2016/08/5_Why-it-Matters_GenderEquality_2p.pdf
3 Ibid
4 Жените и целите за одржлив развој, ООН, достапно на http://www.unwomen.org/en/news/in-focus/women-and-the-sdgs/sdg-5-gender-equality
5 Официјална веб страна на Обединети нации : http://www.un.org/en/aboutun/index.shtml
6 Универзалната декларација за човекови права е акт усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година
7 Повелбата на Обединети Нации достапна на http://www.un.org/en/universal-declaration-human-rights/
8 Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права достапен на http://www.ohchr.org/EN/ProfessionalInterest/Pages/CESCR.aspx
9 Меѓународниот пакт за граѓански и политички права достапен на http://www.ohchr.org/EN/ProfessionalInterest/Pages/CCPR.aspx
10 Oфицијална веб страница на UN Women во врска со Меѓународниот ден на жената 8-ми март, достапно на http://www.unwomen.org/en/news/in-focus/international-womens-day
11 Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW), достапна на http://www.un.org/womenwatch/daw/cedaw/cedaw.htm
12 Ibid
13 Светски конференции посветени на жената, ООН, достапно на http://www.unwomen.org/en/how-we-work/intergovernmental-support/world-conferences-on-women
14 Цели за одржлив развој, ООН, достапни на http://www.unwomen.org/en/about-us/guiding-documents#sthash.8LVTxVPE.dpuf
15 Конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, достапна на https://www.coe.int/en/web/conventions/full-list/-/conventions/treaty/210
16 MiekeVerloo, Multiple meanings of gender equality a critical frame analysis of gender policies in Europe (New York, Budapest: CEU Press, 2007)
17 Состојба со еднаквоста во одлучувањето и промоцијата на родовата еднаквост во Полошкиот регион, Извештај од истражување, Акција Здруженска, 2015, достапно на http://zdruzenska.org.mk
18 Види повеќе на http://www.equalitylaw.eu/legal-developments/16-law/76-key-eu-directives-in-gender-equality-and-non-discrimination
19 Mariagrazia Rossilli, Gender policies in the European Union (New York: P. Lang, 2000)
20 1 Устав на РМ, Собрание на РМ, достапен на: http://www.sobranie. mk/ustav-na-rm.nspx
21 Законот за еднакви можности на жените и мажите, Службен весник на РМ бр.66/2006, бр 117/2008, бр 6/2012, бр 166 /2014 достапен на http://www.mtsp.gov.mk/WBStorage/Files/ZEM%205%2009%202011%20L.pdf
22 Ibid
23 Целокупното право на ЕУ почнувајќи од договорите, секундарното законодавство и судската пракса на Европскиот суд на правда
24 Закон за изменување и дополнување на изборниот законик, Сл. весник на РМ, бр.196/2015
25 Стратегија за родова еднаквост 2013–2020, Министерство за труд и социјална политика, 2013 година, достапна на http://www.mtsp.gov.mk/dokumenti.nspx
26 Ibid
27 Официјална веб-страница на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, достапна на http://www.esem.org.mk/index.php/sto-rabotime/13-shto-rabotime/90-ednakvi-moznosti
28 Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција, Статија, Академик, 2017, достапна на http://www.akademik.mk/natsionalnata-mrezha-protiv-nasilstvo-vrz-zhenite-i-semejno-nasilstvo-bara-itna-ratifikatsija-na-istanbulskata-konventsija/