Македонски Shqip English

Кристина Дода

ПРАВОТО НА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК

 

Вовед

Правото на правично судење е од фундаментално значење за владеењето на правото и демократијата. Пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) станаa основа за креирање на богата судска пракса во врска со член 6 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Правото на правично судење е основен принцип на владеење на правото во демократските општества, обезбедување на право на соодветна администрација и правда. Во исто време, е предуслов за правна заштита на човековите права. Она што ја прави ЕКЧП посебна во споредба со другите меѓународни инструменти е можноста доделена на поединци да поднесат жалба до ЕСЧП против држава потписничка, кои пресуди се обврзувачки за земјите-членки на Советот на Европа.

Судската пракса на ЕСЧП покажува дека ЕКЧП е динамичен инструмент кој постојано се надградува. Низ судската пракса на ЕСЧП постојано се развиваат нови стандарди и правни принципи за сите земји-членки на Советот на Европа. Поради оваа причина, а со цел подобро да се разберат принципите и стандардите во врска со член 6 и правото на правично судење, потребно е да се анализира судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

ЕСЧП статистиката покажува дека најголем дел од пресудите се токму поради повредата на правото на правично судење. Дури и повеќе од 41% од повредите потврдени од страна на ЕСЧП се однесуваат на член 6 од ЕКЧП, од кои 17,63% се однесуваат на правично судење и 22.13% за должината на постапките. На пример, во 2015 година една четвртина од сите констатирани повреди од страна на ЕСЧП биле во врска со оваа одредба.1

Обезбедувањето на правично судење, кое е обврска на земјите потписнички на ЕКЧП од член 6, се однесува на граѓански и кривични судски постапки. Член 6, земен во целина,

се однесува не само на обезбедување на правично судење кога постапката е во тек, туку и обезбедува обврска на државите да обезбедат пристап до правдата.2

 

Правото на правично судење во разумен рок во рамките на ЕСЧП

Првиот важен услов за судење да биде „правично“ е условот дека судењето треба да биде спроведено од страна на „независен и непристрасен трибунал“. Прашањето за независноста и непристрасноста на судството е чувствително прашање кое во исто време е клучен елемент за владеењето на правото во една демократска држава.

Правото на правично судење во член 6 од ЕКЧП е објаснето како "...Секој има право на правично и јавно судење, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него."3 Правото на правично судење во својата содржина вклучува неколку елементи што треба да придонесат за остварување на правдата, должината на постапките спаѓа во делот на процедуралните елементи на правото на правично судење.

Правото на фер судење во разумен рок е загарантирано процедурално право според членот 6 од ЕКЧП. Врз основа на член 6 став 1 од ЕКЧП: „Секој има право на правично и јавно, судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.“4

На ниво на ЕСЧП најчеста повреда на членот 6 е во делот на обврската државата да обезбеди процедурите да не надминуваат „разумен рок“. Околностите на случајот се важни за да може да се утврди оправданоста на должината на постапката. ЕСЧП има развиено богата судска пракса во однос на членот 6 и има донесено многу важни принципи кои и покрај различностите помеѓу националните системи имаат за цел да го осигураат правото на судење во разумен рок и извршување на донесените пресуди.

Правото на судење во разумен рок секогаш се разгледува од аспект на различни факти на секој конкретен случај што ќе дојде пред ЕСЧП. Не постојат однапред точно утврдени

временски рамки за кои може да се рече дека се или пак не се повреда на разумниот рок во судењето.

ЕСЧП преку многу случаи во однос на повреда на правото на правично судење воспостави некои општи стандарди во однос на судењето во разумен рок

Релевантни критериуми во оваа смисла кои се земаат предвид се: комплексност (сложеност) на предметот (complexity of the case)5, значењето на предметот за подносителот на барањето (what is at stake of applicant)6, однесување на националните власти (conduct of the authorities), однесување на подносителот на барањето (conduct of the applicant(s)). Овие критериуми за сметање на „разумниот рок“ се развиени преку судската практика од страна на ЕСЧП, кои што критериуми не се единствени7 и апсолутни, туку се првичната рамка за одлучување.8

Советот на Европа преку различните резолуции и препораки се обидува да го подобри пристапот до правда на пример преку правна помош, намалување на трошоците за постапки, користење на нови технологии, намалување на предметите пред судовите и користење на алтернативните начини на решавање на спорови. Од друга страна ЕСЧП со своите одлуки се обидува да обезбеди почитување на одредбите од член 6 од ЕКЧП, дека секој човек мора да има пристап до суд и дека државата не смее да го спречи или оневозможи ова право.9

Правото на правично судење во разумен рок во РМ

Секоја држава има дискреционо право да избере правни средства кои според нејзината проценка во рамките на националниот систем ќе обезбедат ефикасна заштита на правото на судење во разумен рок.

Во Република Македонија, Врховниот суд на РМ одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.10

За остварување на ова право странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија. Барањето може да го поднесе во текот на постапувањата пред домашните судови, а најдоцна шест месеци сметано од денот на правосилноста на одлуката.

Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето во рок од шест месеци од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и практиката на ЕСЧП.

Доколку Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото за судење во разумен рок со решението ќе определи рок во којшто судот, пред кого постапката е во тек, мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди праведен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право за судење во разумен рок. Правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет.11

 

Заклучок

Правото на судење во разумен рок е загарантирано со членот 6 од ЕКЧП и воедно неговата повреда е најчесто утврдувана. Ефикасноста на правдата е најважен елемент на правичното судење и на ефикасен правен лек. Најмногу од се поради тоа што во одредени случаи ако правдата е задоцнета може да биде еднакво како воопшто да не бил овозможен пристап до правда. Но во исто време постапките не смеат да бидат ниту неоправдано брзи, што од друга

страна може да доведе но неквалитетни одлуки, недоволна истрага или недоволно време на странките да се подготват за одбрана.

И покрај богатата судска пракса на ЕСЧП и бројните документи на Советот на Европа кои предвидуваат препораки и насоки за обезбедување на судење во разумен рок, сепак спорите судски процеси се проблем во многу национални судски системи, што може да се забележи и со статистиките на ЕСЧП. Овие практики е многу тешко да се остранат на краток рок пред се поради лошиот менаџмент на судовите, неадекватната распределба на човечки ресурси, недоволната дигитализација и користење на нови технологии, недоволни парични средства за стручни помошници и опрема и слично.

 

  

1 Европски суд за човекови права, статистика 1959 до 2015, Public Relations Unit, Совет на Европа, Стразбур, 2016.
2 Golder vs. United Kindom, Апликациски број 4451/70, 1975.
3 Европска Конвенција за човекови права и слободи (Рим, 4 ноември 1950), член 6, параграф 1.
4 Ибид.
5 На пример случаи кои се однесуваат на специфични случаи каде што природата на случајот е таква која бара убразана постапка како на пример случаи кои се однесуваат на згрижување на деца и слично (H. vs Great Britain, 1987).
6 ЕСЧП ги зема предвид само доцнењата кои се однесуваат на државните органи. Доцнењата по вина на апликантот судод не ги зема предвид без разлика на причините. (H. vs Great Britain).
7 Neumeister vs. Austria, Број. 1936/63. 1968.
8 Buchholz vs Germany, Број. 7759/77, 1981.
9 Consultative Council of European judges (CCJE), Opinion no. 6 (2004), to the attention of the Committee of Ministers of the Council of Europe, on fair trial within a reasonable time and judge’s role in trials taking into account alternative means of dispute settlement. Council of Europehttps://wcd.coe.int/viewdoc.jsp?p=&id=1046389&site=coe&direct=true (accessed 7 September 2016).
10 Закон за судови, “Службен весник на Република Македонија” бр.58/06,35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11
11 Член 36б, Закон за судови, “Службен весник на Република Македонија” бр.58/06,35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11