Македонски Shqip English

Јелена Кадриќ

ДАЛИ СЕ ДОВОЛНИ САМО НОРМИ ЗА ДА ЈА ОБЕЗБЕДАТ СУДСКАТА НЕЗАВИСНОСТ

 

Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите. Во остварувањето на своите функции и надлежности Судскиот совет е независен и самостоен од органите на законодавната и извршната власт, а исто така и од било која друга институција, организација или политички и партиски влијанија.

 Европската конвенција за човековите права ја проценува независноста на еден суд, меѓу другото и преку оценката за начинот на изборот и назначување на неговите членови, односно судии.

Во препораката Р 94/12 на Советот на Европа за независноста, ефикасноста и улогата на судиите е наведено следново:

„Сите одлуки во однос на професионалната кариера на судиите треба да се засноваат на објективни критериуми, а изборот и унапредувањето на судиите треба да се заснова на нивните квалитети, земајќи ги предвид нивните квалификации, интегритет, способности и ефикасност во работењето. Телото кое ги носи одлуките во однос на изборот и унапредувањето на судиите, треба да биде независно од власта и државната администација. Со цел да се заштити неговата независност, мора да постојат правила преку кои ќе се обезбеди изборот на неговите членови-судии да го врши самото судство, а потоа самото тоа тело да носи одлуки во однос на сопствената работа и процедуралните правила.“

Во мислењето 10 на Консултативниот совет на Европските судии се препорачуваат судски совети во мешан состав од судии и од лица кои не се судии, да ја представуваат самостојната судска власт на начин што на судиите би им се овозможило својата судиска функција да ја вршат без каква било контрола од страна на претставниците на извршната или законодавната власт кои се членови во Советот.

Во правосудниот систем на РМ покрај Судскиот совет постои и Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија кој се основа по донесување на истоимениот закон во 2015 година, а по препорака на ГРЕКО.

Следејќи ги седниците на Судскиот совет на РМ, често ми се поставува прашањето колку е тешко и комплицирано да се изгради и сочува независноста на судството и да се применат сите принципи на владеењето на правото, за граѓаните да ги остварат своите права пред независни и непристрасни судови, во фер постапка. Низ годините, во нашата држава се менувани модалитетите на Судскиот совет, применувани се меѓународни принципи, декларации, документи, менувани се закони со цел прилагодување кон препораките од

меѓународните институции, но општ впечаток е дека сѐ уште граѓаните во РМ не се убедени дека нашето судство е независно и непристасно.

Интересен модел на судски совети кој спаѓа во јужноевропските модели на правосудни совети и воедно е сличен на нашиот Судски совет е Генералниот совет на судството на Кралството Шпанија (El Consejo General del Poder Judicial). Имено, Шпанија е земја која во 1986 година стана членка на Европската економска заедница, и тоа 10 години по падот на диктатурата која била предводена од диктаторот Франко. Со Уставот од 1978 година, Шпанија е дефинирана како парламентарна демократија во која судската власт се заснова на принципите на независност на судството. Но, стремежот за независно и непристрасно судство е сѐ уште присутен.

Генералниот Совет на судството на Кралството Шпанија е самостоен и независен орган, дефиниран со Уставот на Шпанија. Една од основните задачи на ова тело е управувањето со судството, и покрај тоа што оваа функција ја дели со Коморите за управување при Високиот Суд на правдата. Неговите функции не се легислативни, туку организациски, водејки се пред сѐ од принципот на почитување и гарантирање на независноста на судството и принципот на владење на правото.

Генералниот Совет на судството на Кралството Шпанија е составен од 20 члена и Претседател кој е воедно е и Претседател на Врховниот суд на Шпанија. Од 20-те члена, 12 се судии или магистрати од сите нивоа на правосудството, додека, осум члена се истакнати правници кои имаат повеќе од 15 години професионално искуство. Изборот на членовите на Генералниот совет на судството го врши Конгресот, и тоа шест члена од редот на судиите и четири члена од редот на истакнатите правници. Сенатот избира шест члена од редот на судиите и четири члена од редот на истакнати правници. Особено важно е да се напомене дека кандидатите за членови на Генералниот совет на судството мора да се предложени и да имаат поддршка од Здруженијата на судии или од 25 колеги. Членовите на Генералниот совет на судството се избраат со мандат од 5 години и не можат да бидат реизбрани, освен Претседателот.

 

17819931_10155905440017646_1176265645_o.png (90 KB)

 

Со Генералниот совет на судството раководи Претседател, а одлуките се носат на пленарна седница составена од сите членови на Генералниот совет на судството. Структурниот состав на Генералниот совет на судството на Кралството Шпанија е прикажан во следиов графикон:

 

 

 

Постојат 4 правни комитети и тоа Постојан комитет составен од 7 члена и претседател, кои својата функција ја извршуваат со полно работно време. Потоа, Дисциплински комитет, исто така составен од 7 члена, но членовите во овој комитет својата функција ја извршуваат со половина работно време. Комитетот за економски прашања е составен од 3 члена кои функцијата ја остваруваат со половина работно време и Комитет за еднаквост и родово насилство, составен исто така од 3 члена кои работат на половина работно време. Како посебен дел во составот на Генералниот совет на судството е Иницијаторот за дисциплинската постапка кој ја покренува постапката, а доколку се утврди дека има повреда, тогаш постапката ја продолжува Дисциплинскиот комитет. Конечната одлука ја носи пленарната седница на Генералниот совет на судството.

Основни функции на Генералниот совет на судството на Шпанија се:

* именување на највисоките судски позиции – претседател и потпретседател на Врховниот суд на Шпанија, судии на Врховниот суд на Шпанија, потоа претседатели на Високите судови на Шпанија и Провинциските судови, како и избира двајца судии на Уставниот суд;

* дава мислење за изборот на Јавниот обвнител;

* врши селекција, обука, поставување и унапредување на судиите;

* покренува и води дисциплински постапки за судиите;

* врши контрола на судовите;

* одговорен е за почетната и континуираната обука на судиите;

* има консултативна функција: дава мислење за закони и регулативи кои се однесуваат на судскиот систем, но и за процесниот и кривичниот закон.

* изготвува извештаи;

* објавува збирки на судски случаи и др.

 

Споредувјќи ги надлежностите и составот на Генералниот совет на судството на Кралството

Шпанија и Судскиот совет на РМ, може да се забележат многу сличности помеѓу двата совета, но и разлики. Во шпанскиот модел нема членови кои се од извршната власт, дел од членовите функцијата член на Генералниот совет ја вршат со половина работно време, а во останатото време ја извршуваат својата примарна функција, како судија или друга правна професија. Она што паѓа во очи е дека шпанскиот Генерален совет на судството брои 20 члена кои се грижат пред сѐ за независнота на судството, имајќи предвид дека вкупниот број на судии во Шпанија е 5.847 во 2015 година.

За разлика од Шпанија, во Република Македонија независноста на помалку од 600 судии ја „бранат“ 24 правници, и тоа: 15 члена на ССРМ и 9 члена на Советот за утврдување на факти.

Се поставува прашањето кои инструменти и мерки се потребни за да се одбранат честа и угледот на судиите во нашата земја. Судската независност може да се гарантира само доколку рамката, во која судиите ги извршуваат нивните функции, обезбедува доволно заштитни механизми против обидите несоодветно да се влијае врз спроведувањето на правдата. Повторно, разликите меѓу националните судски надлежности и правни системи не дозволуваат да се даде една универзална формула за тоа кои сè услови мора да бидат исполнети, за да се каже дека судството е независно. Како и да е, постојат одредени фактори кои одредуваат дали правната рамка во една земја ги обезбедува потребните услови за независно судство.

Судството може најуспешно да се брани од сите напади само со својата независност. Може да се разликуваат две димензии на независност на судството:

- независност на судот како институција, и

- независност на судијата како личност.

Независноста на судот како институција се огледа во неговата самостојност и независност спрема органите на законодавната и извршната власт и спрема другите органи, организации и поединци.

Независноста на судијата како личност се огледа во неговата слобода да може да донесува непристрасни одлуки, врз основа на сопствена оценка на доказите, без ограничување, без влијание, притисок и интервенции, непосредни или посредни, од кого и да било да доаѓаат и од кои било причини да се прават.

Влијанијата и притисоците насочени кон судот и судијата отсекогаш ги имало, ги има и во иднина ќе ги има, но битно е дали тие ќе можат да допрат до судијата, а тоа нешто исклучиво ќе зависи од него, од неговата способност и интергитет да може да се дистанцира од нив.