Македонски Shqip English

Маргарита Цаца Николовска

СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ – ПРАВНА РАМКА

 

Во демократските системи секој поединец има право да го изразува своето мислење, да комуницира, да прима и да пренесува информации и идеи, а ваквото право треба да биде функционално. Ова право не го вклучува само индивидуалното право на слобода на изразување и на слободата на здружување преку кое се врши одредено изразување на ставови и мислења, како што е погоре наведено, туку и остварувањето на истите од страна на медиумите.

Слободата на изразување и здружување е моќна алатка, која со себе носи и одредени обврски и одговорности. Значајно е да се напомене дека е дадена можност да се оствари и заштити правото на слободен говор и здружување пред се заради неговата моќ да ја промовира демократијата, да се откријат злоупотребите и да се унапреди политичкиот, уметничкиот, научниот и трговскиот развој. Но, исто така е важен фактот дека слободниот говор може еднакво да биде користен да се поттикне насилство, да се шири омраза, и да се наштети индивидуалната приватност и безбедност.

Република Македонија со донесувањето на Уставот од 1991 година, ги воспостави новите темелни вредности на државното уредување преку промовирање на принципите на демократија и плурализам. Во исто време се промовираа човековите права и слободи предвидени во меѓународните документи со нивно таксативно именување и со давање на можност дел од нивната заштита да се врши и преку Уставниот суд на Република Македонија. Со потпишувањето и ратификацијата на Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) во 1997 година, Република Македонија доби нов извор на право со кој се обезбедува поефикасна заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Во исто време, преку прифаќањето на ЕКЧП, Република Македонија презема обврска во рамките на својата надлежност, на својата територија да ги обезбеди сите права и слободи предвидени во Конвенцијата и тоа на секого, а не само на своите државјани. Европскиот суд за човекови права како инструмент од ЕКЧП има можност да го надгледува и оценува извршувањето на преземената обврска во предметите кои што се иницирани против РМ. Нашата држава, значи презема обврска за почитување, гарантирање и заштита на човековите слободи и права кои ги предвидува Конвенцијата, а кои во исто време се инкорпорирани во Уставот на РМ, а кои пак се однесуваат на слободата на изразување и слободата на собирање и здружување. Ваквите права во определена мера се преточени и во Уставот на РМ кој ги гарантира слободата на јавно изразување, совест и мисла (член 16) и слободата на јавно изразување на протест (член 21), а посебно е посветено внимание на правото на штрајк (чл.38).

Проблемите со ограничувањата на слободата на јавен протест и изразување на мислата зачестија во последниот период, имајќи предвид дека оваа уставно загарантирана слобода беше најсилниот инструмент за јавно изразување на несогласување и правење притисок врз институциите од страна на граѓаните во изминативе 18 години. Ограничувањата на слободата на протестирање и тоа не само на местото каде е закажан протестот, туку и преку притисоци на организаторите на јавните протести се почесто присутни, а ваквото оневозможување се прави од страна на разни државни институции, но и од други приватни организации и индивидуи. Формите на интервенирање во овие

права се од различни видови, а една од нив е скриената форма на интервенирање во овие права преку ширење на страв кај лицата кои јавно го манифестираат остварувањето на своите права.

 Согласно Универзалната декларација за човекови права слободата на изразување е право кое е предвидено во членот 19 и гласи: “Секој има право на слобода на мислење и изразување, ова право вклучува слобода да се има мислење без вмешување и да се бара, прима и поделува информации и идеи праку кој било медиум и без оглед на граници.”

Во истиот документ во чл.20 се уредува правото на слобода на здружување на начин што:

1. Секој има право на слободен и мирен собир и здружување.

2. Никој не може да биде принуден да припаѓа на здружение.

 

Меѓународeн пакт за граѓански и политички права на Обединетите Нации (МПГПП)

Како што претходно е споменато, овие права се заштитени и со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите Нации, каде во член 19 се вели дека:

“1. Секој ќе има право на мислење без вмешување

2. Секој ќе има право на слобода на изразување, ова право ќе вклучува слобода на барање, примање и поделување информации и идеи од каков било вид, без оглед на ограничувања, било усно, писмено или печатено, во форма на уметност, преку кој било друг медиум по негов избор.

3. Уживањето на правото обезбедено со став 2 од овој член носи со себе посебни должности и одговорности. Ова право може да биде предмет на одредени ограничувања, кои што ограничувања треба да се обезбедени со закон и да се неопходни:

А) почитување на правата или репутацијата на други

Б) за заштитата на националната безбедност или на јавниот ред, или на јавното здравје или морал.”

Комитетот за човекови права на Обединетите Нации во својот општ коментар бр.10 во однос на чл.19 од МПГПП вели дека: “Кога една држава договорна страна на овој пакт наметнува одредени ограничувања врз остварувањето на слободата на изразување, овие ограничувања не смеат да го загрозат самото право. Во однос на ограничувањата предвидени во чл.19, истите мора да бидат предвидени со закон и можат да бидат наметнати само за некоја од целите изложени во точките (А) и (Б) од став.3 и мора да бидат оправдани како неопходни за таа држава договорна страна за една од тие цели.”

Правото на здружување согласно МПГПП е заштитено со член 22, каде е наведено дека:

1.Секој ќе има право на слобода на здружување со други, вклучувајќи го и правото да формира и да се придружува на трговски синдикати за заштитата на неговите интереси.

2. Никакви ограничувања не смеат да бидат поставени во уживањето на ова право освен оние кои се пропишани со закон и кои се неопходни во едно демократско општество за интересите на националната безбедност или јавната безбедност, јавен ред, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на други.

Во Европската конвенција за човекови права правото на слобода на изразување и здружување се опфатени со член 10 и член 11.

Во член 10 е заштитена слободата на изразување каде стои дека:

“1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. “

Додека во член 11 каде е инкорпорирано правото на слобода на собирање и здружување се вели:

“1. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.

2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.”

Во однос на овие права, ЕСЧП има своја развиена јуриспруденција во која ги гради своите ставови, но и ги надградува со самиот развој на случувањата во демократските држави. Во поглед на слободата на изразување јасно е потенцирано дека вмешувањето или попречувањето на ова право може да биде оправдано само со императивните неопходности и дека исклучоците од ова право мора да бидат толкувани ограничено.

Затоа во поглед на ограничувањата од став 2 на овој член се вели дека вмешувањата се оправдани само доколку: а) наметнатата мерка е пропишано со закон б) дали истата следи легитимни цели и в) дали е неопходно во демократско општество. При утврдувањето дали ограничувањето е оправдано понатаму се применува и тестот на пропорционалност.

Во пресудата Handyside v. the United Kingdom судот го навел својот став дека слободата на изразување претставува една од суштинските основи на демократското општество. Ограничувањата на овие права не можат да бидат предмет на примена на ставот 2 од членот 10 само заради тоа што се истите неповолни и неприфатливи. Слободата на изразување е предмет и кај пренесувањето на информации или идеи кои што се навредливи, шокантни или ја вознемируваат државата или било

кој друг сектор од популацијата. Вакви се барањата на плурализмот, толеранцијата и широкоумноста без кои не постои демократско општество. Ова, помеѓу останатото, значи дека секоја формалност, услов, ограничување или казна наметната во оваа област мора да биде пропорционална на легитимната цел која треба да се постигне.