Македонски Shqip English

Соопштение на ИЧП

Институтот за човекови права (ИЧП) воден од својата мисија и од својата визија, по пат на ова соопштение го изнесува својот став во однос на штрајкот на судските службеници.
Имено, Синдикатот на УПОЗ (Работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Макеоднија) и Здружението на судска администрација веќе неколку месеци периодично штрајкуваат од причина што сметаат дека Законот за административни службеници и Законот за судска служба се неуставни и воедно бараат зголемување на додатоците на плата за 35%, на идентичен начин како што тоа е предвидено за судиите, јавните обвинители и јавно обвинителските службеници.
ИЧП секојдневно ја следи наведената состојба при што изразува загриженост во однос на притисоците кон судските службеници кои беа јавно обелоденети и тоа особено оние од страна на Судскиот Буџетски Совет кои беа изразени во вид на закани за намалување на заработувачката – плата на судските службеници од 40% кои го остваруваат своето право на штрајк. На 02.06.2016 година по средбата помеѓу претставниците од Синдикатот на УПОЗ и претставниците на Судскиот Буџетски Совет беа презентирани изјави во јавноста во кои беше изнесено „задоволство поради тоа што претставниците на Синдикатот и на Судскиот Буџетски Совет се договориле да се повлечат списоците на оние што штрајкуваат и намалувањето на заработувачката – плата на судските службеници да биде одложено..." (!?)
ИЧП потенцира дека правото на слободно здружување со цел за остварување на социјалните, економските и културните права е загарантирано со член 20 од Уставот на РМ и овој член применет во корелација со член 32 од Уставот на РМ во кој е гарантирано правото на секој вработен на соодветна заработувачка и член 38 од Уставот на РМ со кој се гарантира правото на штрајк, јасно произлегува дека овие права им се загарантирани на судските службеници и сите институции треба истите да ги почитуваат така што наводното „договарање" во никој случај не би можело да се прифати како отстапување на институциите поради нивна добра волја туку нивно исполнување на задолжителна обврска.
Уште повеќе, слободата на собирање и здружување е загарантирана и во член 11 од ЕКЧП. Европската конвенција за човекови права е ратификувана од страна на Собранието на РМ, на овој начин согласно член 118 од Уставот на РМ истата е дел од внатрешниот правен поредок на РМ и истата има предност во примената пред законите, а особено има предност во примената во однос на законите или одредени одредби од истите кои не се во согласност со одредбите на Конвенцијата и со праксата на Европскиот суд за човекови права.
Со оглед на се претходно наведено, ИЧП ги поддржува оние барања на судските службеници кои имаат за цел остварување на нивните загарантирани права согласно меѓународните документи и стандарди, а и согласно Уставот на РМ. Дополнително потенцираме дека сите институтции од областа на правосудството треба најитно да ги преземат сите неопходни дејствија со цел за подобрување на состојбата во правосудството, исполнување на Итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и следствено приближување на Република Македонија кон членство во ЕУ за што ИЧП со оглед на своите капацитети има волја да допринесе во оној обем во кој тоа го дозволуваат расположливите ресурси.


Истово соопштение во pdf формат може да го најдете на следниов линк.
For English translation click here.