Македонски Shqip English

Реакција на Институтот за човекови права по објавеното соопштение за јавност на Основен суд Скопје 1 од 1 септември 2015

Соопштението на Основниот суд Скопје 1 Скопје од 1 септември 2015 година со кое ја информира јавноста дека го прифатил барањето на адвокатот Никола Додевски, снимките од телефонските разговори и транскрипти да не можат да бидат доказ во предметите кои се водат против високи владини функционери, бидејќи според Судот прислушкуваните материјали се незаконски прибавени и според тоа не можат да бидат доказ во предметите за сторено кривично дело, претставува непријатно изненадување и несогласување меѓу правните експерти во земјата и пошироката јавност.

Институтот за човекови права оценува дека со ваквата одлука на Судот сериозно се доведува во прашање целиот договор од Пржино, а пред се потребата да се избере специјален јавен обвинител, и се прави обид истражувањето на наводите за сторени тешки кривични дела наводно сторени од страна на највисоките претставници на власта да стане беспредметно уште пред назначување на специјалниот јавен обвинител, со цел лицата инволвирани во овие кривични дела да бидат ескулпирани од одговорност.

Одлуката на судот донесена на 1 септември временски се поклопува со влегувањето на опозицијата во Собранието, согласно договорот од Пржино, па постапката на судот значи минизирање на обврските од договорот кои треба да бидат почитувани од сите институции и органи, првенствено од владеачките партии. Оваа одлука, само ги потврдува сериозните забелешки на меѓународните организации, особено острите критики од Извештајот на Рајнхард Прибе за огромното политичко влијание на актуелната владеачка гарнитура во работата на судот, девалвирање на неговата непристрасност и независност, негова партизација и целосното губење на кредибилитетот и довербата на судството кај граѓаните.

Со ваквата одлука судската власт покажува незрелост во однос на настанатата состојба во државата од една страна, а од друга само ја потврдува недовербата кај граѓаните во однос на својата независносност и самостојност. Институтот за човекови права оценува дека ваквата одлука на Судот само ќе ја продлабочи политичката криза во земјата, која требаше да се надмине со договорот постигнат со посредство на високи претставници на ЕУ и САД. Со ваквото однесување се нарушува стандардот и вредноста на „добрата волја“ што е елемент на договорот од Пржино. Поради ова, ИЧП укажува дека е потребно Јавното обвинителство да реагира согласно Законот, и со тоа да го докаже почитувањето на Договорот од Пржино.