Македонски Shqip English

Маргарита Цаца Николовска

Правните норми низ призмата на Европската конвенција за човекови права

Европската конвенција за човекови права која е усвоена на 04.11.1950 година, а стапила на сила на 03.09.1953 година и која за своја основа ја има Универзалната декларација за човекови права на ОН, заедно со своите пропратни протоколи имаат својство на правни норми, кои се основа, база за правното функционирање на системот во остварувањето и заштитата на човековите права и слободи. Тие се Европски устав на јавното право во полето на човековите права и слободи. Во овие документи со карактеристиките што го имаат како правни нормативи не се утврдени само фундаменталните човекови права и слободи, туку и обврските што ги имаат договорните страин (земјите членки на Советот на Европа) во рамките на своите надлежности да ги реализираат и извршуваат овие права и слободи. Во оваа смисла Конвенцијата која востановува систем на колективно изрвшување на човековите права и слободи, внесува иновација во меѓународното јавно право.

Со Европската конвенција за прв пат правно се воспоставува обврска да секоја членка на Советот на Европа мора да го прифати начелото на владеење на правото и почитувањето на основните човекови права и слободи во рамките на нејзината надлежност на сите лица, а не само на своите граѓани (член 3 од статутот на Советот на Европа).

Преамбулата на Европската конвенција за човекови права, како елемент на правен акт, реафирмира дека основните слободи кои се темели на правдата и мирот во светот се најдобро заштитени преку вистинската политичка демократија и взаемното разбирање и нивно почитување. Ваквото дејство може да се постигне само со примена на владеењето на правото кое пак од своја страна претпоставува постоење на правни акти, норми кои се во согласност со Европската конвенција. Уште повеќе што таа е правен инструмент кој располага со судски орган за надгледување на нејзиното спроведување.

Европскиот суд за човекови права дополнително основан како постојан суд со применување на Конвенцијата и пропратните протоколи создаде извонредно богата судска практика со презентирање на меѓународни стандарди кои секоја држава во принцип треба да ги има во предвид при создавање и спроведување на својата легислатива. Легислативата пак од своја страна бара создавање на правни норми.

Европската конвенција за човекови права и слободи се применува директно како дел од националното право имајќи предвид меѓу другото дека во голем број земји истата е ратификувана со национален закон како правна норма, или индиректно преку извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои пресуди имаат обврзувачки карактер.

Во првиот случај Европската конвенција и протоколите се директен извор на право, значи имаат својство на директно применлива правна норма, а во вториот случај пресудите на Судот служат како основа за создавање на нови правни норми или за промена на веќе постојните правни норми за кои е утврдено дека не се во согласност со Европската конвенција и нејзините протоколи. Во овој контекст треба да се додаде дека Европскиот суд за човекови права при донесување на своите одлуки ги применува и другите меѓународни документи кои што во одредени случаи се третираат и како правни акти со нормативен карактер.

Иако Европскиот суд за човекови права директно одлучува за остварувањето и заштитата на правата и слободите предвидени во Европската конвенција и нејзините протоколи сепак во извршувањето на неговите одлуки краен збор има Комитетот на Министри – тело на Совет на Европа. Судот е во можност во остварување на својата функција да дава и советодавни мислења по правните прашања кои се однесуваат и на толкување на одлуките на Судот на барање на Комитетот на Министри. Поврзаноста во дејствувањето на овие органи е повеќе од очигледна. Судот во својата одлука ако тоа не е очигледно портебно, не наведува како да се постапи во отстранување на сторената повреда кога предмет на разгледување било оценувањето на националната правна норма. Оценувањето се однесува на околноста дали таа национална правна норма ги задоволува меѓународните принципи и стандарди за валидноста и квалитетот на истата. Во извршувањето на донесените одлуки од страна на Европскиот суд содржината на истите е од големо значење за понатамошното постапување на засегнатата држава во донесувањето на нови правни норми или за измена на веќе постојните.

Согласно член 46 став 1 од Европската конвенција државата потписничка ја презема обврската што произлегува од конечната пресуда на Судот во секој случај каде таа е странка. Пресудите на Судот немаат ерга омнес дејство, но Судот преку една консистентна примена на својата судска пракса “цасе лањ” презентира правна аргументација која што може да се користи и за исти случаи против друга засегната странка. Таа правна аргументација се однесува и на оценувањето на потребата од постојните правни национални норми или на потребата на постоење на правни норми ако истите на постојат.

Европскиот суд за човекови права ја имплементира целосно теоријата на меѓународното право согласно која човековите права имаат фундаментален карактер кој ги поставува нив над законодавството и практиката на суверените држави. Во предметот Сцоззари анд Гуинта Судот наоѓа “дека пресудата со која е утврдено дека постои повреда со која и одредува и на државата правна обврска не само да ја плати сумата на пари одредена како правичен надоместок за сторената повреда, туку и да одбере генерални и/или ако е потребно и индивидуални мерки кои ќе бидат прифатени во нејзиниот национален правен поредок кои мерки ќе стават крај на повредата утврдена од Судот и обврска да се поправи состојбата колку што е можно побрзо”. Понатаму на државата и е оставено, таа да го одбере средството со кое ќе ја изврши својата правна обврска предвидена во членот 46 од Конвенцијата, а при тоа да има во предвид дека одбраното средство треба да одговара на заклучоците наведени во пресудата.

Пред да се пристапи кон размислувањето кои се правни средства би биле подобни да бидат земени во предвид за исполнување на зададената и превземена обврска на државата, треба да се разјасни прашањето што Европскиот суд подразбира под терминот закон “лањ”, правна норма. Детерминирањето на овој поим упатува на потребата да се испита што “татковците” на Европската конвенција во своите припремни работи “Трваоуџ Препаратоирес” навеле дека се подразбира под поимот закон или во нашиот контекст правна норма. Чиста дефиниција дали овој термин треба да се разбере во органска и формална смисла или пак во материјална смисла не постои. Референца е дадена дека фундаменталните слободи во домашното право најчесто се производ на парламент, но дека овој тренд не е ексклузивен. На пример “административните регулативи” или “статутативните ауторизации” се подведуваат под терминот закон. Правилата за професионалното однесување на одреден професионален совет кои уживаат независност во нивното изготвување се прифатени како закон – правна норма (Сундаѕ Тимес – предмет).

Правната пракса го покрива поимот “закон” во земјите од цоммон лањ правен систем и тој е прифатен како извор на правото. Во Малоне-предметот, Судот завзема стојалиште дека поимот закон во своето значење вклучува “пишан и ненапишан” закон. Во Круслин – предмет Судот за прв пат јасно оценува дека терминот закон треба да се разбере во неговото субстантивно значење и дека тоа е прифатливо во судската пракса и има еднакво голема улога како во континенталните така и во цоммон лањ правните системи. Очигледно дека материјалното толкување е поцелисходно одколку формалниот пристап кон детерминирање на поимот правна норма иако мора да се прифати дека одредена формалност не смее да се исфрли.

Имајќи предвид разните правни системи и традиции како и динамиката во правната сфера која е резултат и на целокупната динамика во секојдневието Судот значењето на терминот закон го одмерил на начин што бара постоење на правно задоволителни основи.

Текстот на Конвенцијата и протоколите презентира одредени права и забрани но во исто време и одредени ограничувања, исклучоци и дерогации на истите. Неопходноста од постоење на закон во смисла на погоре изнесените лимитации на правата е предмет на испитување како од страна на Европскиот суд во донесување на своите одлуки така и од другите органи на меѓународната организација Совет на Евопа во процесот на извршување на судските одлуки.

Терминот закон е врзан за испитување на околноста дали интервенцијата направена од страна на државата е “пропишана со закон” или дали истата е “во согласност со закон”. Во исто време се испитува дали интервенцијата од страна на државата како субјект е остварена во условите кои се предвидени со закон или дали постапката е “во согласност со процедура пропишана со закон”. Овие термини се употребуваат како синоними освен ако не е јасно наведено дека станува збор за нешто поинакво. Сите погоре наведени правни термини претпоставуваат активности превземени од Судот за да се утврди за каков закон станува збор или за примена на веќе познатиот концепт на “квалитет на закон”. Овој концепт се однесува на испитувањето дали националниот закон ги задоволува предвидените критериуми како би можело да се извлече заклучок дека истиот е во согласност со Европската конвенција.

Имајќи предвид природата на конвенцискиот систем кој предвидува само неколку апсолути права, а во повеќето случаи се сретнуваме со одредени ограничувања во остварување на другите права   примената на тестот “квалитет на закон” е основано потребен. Ова од причина што секое ограничување на правата предвидено во Конвенцијата и нејзините протоколи мора да биде пропишано со закон.

Концептот “квалитетен закон” произлегол од потребата да се оцени интервенцијата на државата предвидена во вториот став од членот 10, правото на слободно изразување со напомена дека истите принципи на интерпретација ќе бидат употребени во однос на вториот став и од членовите 8 – 11 кои што се однесуваат за правото на почитување на приватниот и фамилијарниот живот, слободата на уверување, совест и религија, правото на слободата на собирање и здружување, членот 1 од Протокол бр.1, правото на заштита на сопственост, член 2 од Протокол бр.4 право на слободата на движење, член 1 од Протокол бр.7 процедуралната заштита која се однесува на протерување на странци и покасно исто така во членот 5 правото на слободата и сигурноста. Во овие случаи се реферира на фразите: “во согласност со процедурата пропишана со закон” или “законитост”. Ваквиот приод упатува на потребата од испитување дали нападнатите мерки треба да имаат основа во домашното право, дали истите се базираат на правни норми и на потребата од оценувањето на нивниот квалитет. Стандардите за квалитетот на правните норми во чија рамка се испитува и самото постоење на закон се проверуваат преку одговор на прашањата:

  1. Дали имало интервенција во правото кое е доведено во прашање?
  2. Дали интервенцијата била во согласност со закон или истата била пропишана со закон?
  3. Дали потребата од интервенирање е заради постигнување на одредена легитимна цел?
  4. Дали направената интервенција во склоп на сите околности на дадениот случај била потребна во демократското општество?

 

Одредени други размислувања потенцираат дека кога ќе се испита околноста дали вмешувањето, интервенирањето е во согласност со закон понатаму се применува сличен тест како претходниот само преку друг вид на прашања:

  1. Дали домашниот правен систем ја санкционира направената интервенција?
  2. Дали релевантната правна норма е достапна до граѓанинот?
  3. Дали правната норма е задоволително прецизна да му овозможи на граѓанинот основано да ги предвиви последиците кои би настанале по превземената акција?
  4. Дали законот предвидува адекватна сигурност против арбитрарната интервенција во дадените материјални права?

 

Одговорите на презентираните прашања се основ за примена на принципите на кои што се повикува Судот во своите одлуки, а сé се сведуваат фактички на две оценки:

  1. оценка на легалитетот во што е вклучено постоењето на правната норма во домашното право и
  2. оценка на квалитетот на таа правна норма преку достапност на истата до оној на кој што се применува и предвидиливоста имајќи ја во предвид нејзината содржина.

 

При примена на овие тестови за квалитетот на правните норми или закон во смисла на судската пракса, Судот ги испитува специфичните околности на случајот и анализира дали предвидливоста и достапноста се доволни. Тоа значи дека законот мора да има одредено ниво на сигурност, да биде формулиран со задоволителна прецизност за да му овозможи на граѓанинот да го регулира своето однесување. Тој мора да биде во можност, ако е потребно и со соодветен совет, да предвиди до степен што е основан јасен и доволно прецизен на дадените околности, кои се последиците од превземената акција (Силвер и др. против Обединетото Кралство и Сандеј Тајмс против Обединетото Кралство).

Другиот елемент на тестот “квалитет на законот” е дека тој треба да предвиди заштита од арбитрарното интервенирање во правата кои се гарантирани. Тука на изготвувачот на законот му е дадена одредена дискреција во креирање на законот од националните органи но таа дискреција мора да биде формулирана на таков начин да се овозможи на индивидуалецот адекватна заштита од арбитрарното интервенитање (Олсон против Шведска).

Крајниот заклучок кој што произлегува од погоре презентираното е дека правната норма–законот според праксата на Европскиот суд за човекови права може да се толкува пошироко со што би се избегнал ексесивен, претеран формализам во толкувањето, но од друга страна квалитетот на законот со таквото широко толкување не смее да изостане.

Праксата на Судот како извор на право е основа за погоре наведената широчина која треба да ја искористи не само правната наука, туку и секој друг сегмент кој што е вклучен во изготвувањето и донесувањето на правните норми, се разбира во согласност со стандардите кои се општо прифатени не само од Европскиот суд за човекови права, туку и пошироко. Од друга страна во ваква ситуација голема е одговорноста во презентирање на квалитетна легислатива која треба да ја има секоја држава, особено кога се има предвид дека секоја нејзина интервенција во ограничувањето на правата предвидени со Конвенцијата и протоколите мора да биде покриено со постоење на правна и квалитетна норматива.