Македонски Shqip English

Вера Коцо, Маргарита Цаца Николовска

Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговата заштита

Правото на информираност, достапност и слободен пристап до информации од јавен карактер преставува едно од темелните вредности на човековите права, а со тоа и еден од основните услови за демократија на еден општествен поредок. Ваквото право вброено во редот на граѓанските права е гарантирано и со Уставот на Република Македонија (чл. 16) како и со меѓународните конвенции кои се дел од внатрешниот правен поредок.

Правото на информираност и достапност до информации им овозможува на граѓаните да се здобијат со вистински информации за општествените збиднувања, кои влијаат на нивните животи и интереси. Вака поставено ова право има витално значење во секојдневниот живот на граѓаните поради што доби и законска рамка со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој закон е изменет со два закони за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер2. Овие закони ги уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, jавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон, a кои се именувани според самиот закон како иматели на информации. Како информација од јавен карактер пак Законот ја третира информацијата во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности .

Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер го има секое правно и физичко лице, на начин и под услови утврдени со закон .

Ваквата поставеност на ова право во правниот поредок на нашата држава само го потенцира неговото значење во севкупниот општествен живот од различни аспекти но ја потенцира и обврската на имателите на информации за доследно имплементирање на законските норми при реализација на ова право од било кој субјект во правниот промет. При тоа не може да се избегне фактот на недоследност во постапувањето од страна на имателите на информации од јавен карактер во постапката за остварување на ова право од барателите во смисла на незаконско одбивање на барање за одредена информација или недавање на одговор по поднесено барање, за што се изготвени и анализи од стручни лица кои што го третирале овој проблем. Забелешките главно се однесуваат на недоволна транспарентност во работењето на имателите на информации од јавен карактер.

Во оваа смисла се наметнува прашањето за обезбедување на адекватна заштита на ова право во правниот поредок на државата како и неговото место и улога во остварувањето на граѓанските потреби за информации како на физичките така и на правните лица.

Гарантирањето на ова право со највисокиот акт на државата ја преточува неговата заштитата во погоре споменатиот закон кој што ги уредува условите, начинот и постапката за остварување на правото. Така во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е нормирано правото на правна заштита на барателот кој поднел писмено барање за пристап до информација (чл. 27), како и правото на судска заштита (чл. 35).

Правото на правна заштита на барателот на информацијата се остварува преку неговото право да поднесе жалба до Комисијата за заштита во рок од 15 дена од приемот на решението со кое имателот на информацијата го одбил барањето, или не постапил во согласност со Законот.

Остварувањето на правото на правна заштита и правото на судска заштита според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се однесува на заштита на правото од управно правен аспект .

Доколку барателот на информацијата не добие решение по поднесената жалба во превидениот рок од 15 дена од приемот на жалбата ниту во рок од 7 дена по повтореното барање, барателот може да поведе управен спор пред Управниот суд, со цел да го оствари правото на судска заштита.

Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка (129-а, 293-а и 293-б) дава можност правото на слободен пристап да се оствари и без поведување на управен спор. Согласно чл.129-а органот што ја води постапката во конкретниот случај имателот на информацијата е должен да донесе решение по барањето во случајов барателот на информацијата во рок пропишан со материјалниот закон, конкретно во рок од 30 дена но најмногу до 40 дена согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ставот 2 од истиот член ја регулира состојбата кога надлежниот орган (имателот на информацијата) не носи решение во пропишаниот рок. Законското решение во ваквата ситуација е дека барањето на странката (барателот на информацијата) е уважено во постапка и под услови пропишани со закон. Постапката и условите предвидени во оваа законска одредба се пропишани со Законот за пристап до информации од јавен карактер .

Членовите 293-а и 293-б предвидуваат услови кога по исклучок се применува погоре наведениот чл. 129-а. Сметаме дека условите од погоре наведените членови се исполнети заради тоа што посебно пропишаната форма и содржина определена со материјалниот закон се обезбедени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Изготвени се формулари за барање за пристап до јавна информација, а содржината на тие формулари ја отсликува определбата на материјалниот закон (Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер). Вака исполнетите услови кои што дополнително подлежат на испитување на нивната уредност од страна на имателот на информацијата се доволна основа за примена на членот 293-б соглсно кој доколку надлежниот орган (имателот на информацијата) не го донесе решенито во погоре наведениот рок од Законот за слободен пристап подносителот на барањето во рок од 3 дена од истекот на рокот пропишан со материјалниот закон погоре наведен може да поднесе барање до функционерот кој раководи со органот или раководното лице на органот кој постапува по поднесокот за донесување на решение со кое ќе се констатира дека настапиле законските услови за примена на членот 129-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка, а тоа значи решение во кое ќе се констатира дека барањето на странката е уважено.

Доколку горе наведените лица не го донесат таквото решение подносителот има право да поведе управен спор пред надлежен суд.

Самото упатување на барателот на информацијата да поведе управен спор пред Управниот суд за заштита на правото на слободен пристап значи давање можност на истиот, во судска постапка да се оценат сите околности за донесување на оспорениот управен акт со примена на одредбите од Законот за управни спорови. Во оваа смисла е и одредбата од член 55 од ЗУС каде е предвидено дека за барањето за заштита на правата гарантирани со Уставот, доколку се повредени со конечен поединечен акт, а не е обезбедена друга судска заштита, да одлучува судот надлежен за Управните спорови. Ваквата судска заштита пред Управниот суд ја решава правната судбина на состојба на недонесеното решение и оспореното решение донесено од Комисијата, но го остава отворено прашањето за остварување на правото на правична сатисфакција за обештетување на барателот .

Всушност правото на правична сатисфакција за повреденото право и правото на обештетување во случај на повреда на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер не е предвидено ниту со Уставот кој го гарантира тоа право ниту пак е уредено во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер каде што се предвидени условите, начинот и постапката за остварување на правото. Во истиот зaкон се предвидени и прекршочни одредби со определени износи на име глоба за сторени прекршоци од страна на одговорното лице кај имателот на информации односно службеното лице за посредување со информации кај имателот на информации кои одредби не го решаваат погоре истакнатото прашање.

Меѓутоа ако се има во предвид значењето на ова право во севкупното живеење на физичките и правните лица како носители на правото, се наметнува прашањето за разгледување и на други аспекти во однос на суштинската заштита на ова право обезбедено и со Европската конвенцијата за човекови права. Имајќи ја во предвид обврската на договорните страни да го обезбедат остварувањето на правата предвидени со Конвенцијата, помеѓу кои права е предвидено и правото на примање и пренесување на информации (чл. 10 од ЕКЧП) значи дека остварувањето на истото и неговата заштита може да се очекува само ако државата обезбеди квалитетни услови .

Согласно одредбите на Европската конвенција е обезбедена соодветна заштита на ова право и доколку се констатира повреда на истото во зависност од случајот може да се одреди соодветен паричен износ како правична сатисфакција за барателот, кој што има својство на жртва од повреденото право (пресуди на ЕСЧП 37374/05 и 31475/05). Ова значи дека домашниот суд може да пружи заштита на повреденото право на слободен пристап до информации од јавен карактер со обештетување на барателот на информацијата и преку директна примена на одредбите од ЕЧКП , која согласно Уставот на Р. М. има својство на извор на правото во домашниот правен систем .

Овие согледувања укажуваат на потреба од еден правен систем кој што ќе биде хармонизиран со глобалните меѓународни барања, посебно со правата предвидени во ЕКЧП и нејзините протоколи, меѓународните принципи прифатени и од Европската Унија, но бараат и пософистициран приод во примената на домашната легислатива од страна на домашните судови.

Имено, правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е многу суптилно право, кое овозможува на физичките и правните лица да добијат разни информации од јавен карактер, што пак значи јавност и отвореност во работењето на имателите на информации. Во овој однос заснован врз основа на закон се појавува барателот на информацијата со конкретно барање од неговата сфера на интерес од една страна и имателот на информацијата кој треба да оцени дали бараната информација може да биде достапна за јавноста односно за барателот. Значи информацијата што се бара е врзана за личноста на барателот и истата може да биде побарана од повеќе лица во зависност од нивниот интерес, но самото право нешто да се бара е лично и преставува одлука на конкретното лице, мотивирана од неговиот личен интерес или став кон одредени факти кои се содржани во самата информација. Во оваа смисла на ова право му се дава третман на лично право согласно чл. 9-а од Законот за изменување и дополнување на ЗОО. Уште повеќе што и од содржината на истиот не постои гранична рамка за правата кои што можат да бидат третирани како лични права. При состојба на ваков третман на ова право, прифаќајќи дека станува збор за лично, индивидуално право, евентуалната повреда на ова право не врши само директна повреда на личноста на барателот на информацијата, туку врши и повреда на самото право за пристап до некоја информација од јавен карактер. Неговата заштита може да се оствари и преку одмерување на правична сатисфакција изразена во паричен износ, се разбира во случаи кога е констатирана негова повреда. Ваквото согледување сметаме дека може да произлезе од едно поекстензивно толкување на чл.187-а од Законот за изменување и дополнување на ЗОО, кој член се однесува за материјална и нематеријална сатисфакција. Сатисфакцијата би се однесувала само за констатираната повреда на правото предвидено со Законот. Овој пристап, може да допринесе и до намалување на сторување на вакви повреди како и за правилна примена на Законот во иднина, а воедно дава можност за примена на субсидијарниот принцип на примена на ЕКЧП преточен во Интерлаке декларацијата за ефикасното постапување на Европскиот суд за човекови права. Ова видување треба да најде поткрепа секако и во националната судска практика.

Оневозможувањето на правото на пристап до информции од јавен карактер и настанување на одредена последица од повреда та на ова право дава и можност таквата состојба да биде третирана од аспект на одредбите на ЗОО за надомест на штета.

Согласно основните одредби од Законот за облигациони односи постои обврска за секого да се воздржува од постапка со која може на друг да му предизвика штета (чл. 9 од ЗОО), како општа забрана за предизвикување на штета.

Повредата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за барателот на информацијата може да преставува противправно дејствие кое предизвикало некаков вид на последица изразена во материјална или нематеријална штета (чл.142од ЗОО и чл.41 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО).

Двата вида на штета претпоставуваат постоење на вина како елемент за причинско последичната врска помеѓу противправното дејствие на штетникот и настанатата последица изразена во вид на материјална односно нематеријална штета (чл. 145 ст.1 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО). Согласно наведената одредба вина постои секогаш кога штетникот причинил штета со намера или со невнимание (крајно, обично или друг степен на невнимание предвиден со закон). Така за штета причинета со намера или крајно невнимание товарот за докажување на овие елементи лежи на страна на оштетениот, додека за штета причинета со обично невнимание или друг помал степен на невнимание, штетникот треба да докаже дека тие не постоеле (чл. 145 ст.1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО).

Надоместувањето на материјалната штета може да биде преку воспоставување на поранешната состојба или надомест во пари, во зависност од конкретните околности предвидени во законот, а може да биде земено предвид и едното и другото надоместување доколку воспоставувањето на поранешната состојба не ја отстранува штетата наполно (чл. 174 ст. 1,2,3,4 од ЗОО).

Надоместувањето на нематеријалната штета пак може да биде нематеријално (морална сатисфакција) и материјално (материјална сатисфакција) во случаи предвидени со закон (чл. 187- а) од Законот за изменување и дополнување на ЗОО.

Доколку штетата биде изразена во повреда на личните права предвидени во чл. 9-а од Законот за именување и дополнување на ЗОО, оштетениот може да бара објавување на пресудата односно исправката, на трошок на штетникот или нешто друго со што може да се оствари целта која се постигнува со справедливиот паричен надомест (чл. 188 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО).

Справедливиот паричен надомест како вид на надоместување за претрпената нематеријална штета е во зависност од тежината на повредата и околностите на случајот, независно од надоместокот на материјалната штета како и во нејзино отсуство. Меѓутоа висината на таквиот надомест исто така е во зависност од силината и траењето на повредата и целта за која може да служи таквиот надоместок, а секако на определувањето на истиот имаат негативен одраз и лукративните побуди на оштетениот ( чл. 189 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО).

Имено, прашањето за надомест на штета од аспект на реализација на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер треба да се разгледува од два аспекта :

Право на надомест како сатисфакција за повреденото право на барателот на информацијата од јавен карактер и

Право на надомест на евентуалната штета како последица што ќе биде предизвикана од повредата на самото право.

Видот на оваа штета е во зависност од видот и квалитетот на интересот или доброто за кое била потребна информацијата.

Предвидената судска заштита на правото со поведување на управен спор пред Управниот суд за оспорување на управниот акт за барателот на информацијата би требало да го опфати и правото на правична сатисфакција парично изразена. Додека во однос на правото на надомест на штета која би можела да биде предизвикана како последица поради извршената повреда на самото право за добивање на некоја информација, би било во надлежност на Граѓанскиот суд.

Со оглед на фактот дека е во опсервација закон, кој е донесен во почетокот на 2006 година со одложена примена од први септември истата година, а потоа во 2008 година и во почетокот на оваа година се донесени закони за измени и дополнување на тој закон, секако дека не може да се има богата судска практика во однос на спорните прашања околу правото на сатисфакција или правото на надомест на штета.

Судската практика по однос на повреда на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се гради преку предметното работење на Управниот суд, меѓутоа освен предмети по кои се одлучува за правната судбина на оспорениот управен акт, нема одлуки по предмети за правична сатисфакција парично изразена по тужба на барателот на информацијата. Таква е состојбата и пред граѓанските судови.

Непостоењето на судска практика во однос на презентираните видувања како ни друг вид на елаборација по однос на овие прашања сметаме дека остава простор за дискусија по истите од стручната јавност во нашата држава.