Македонски Shqip English

Вања Михајлова

Процесот на денационализација - од декларативност до реалност

По промената на политичкиот и економски систем, а по примерот на другите земји од т.н комунистички блок, Република Македонија во 1998 година го донесе Законот за денационализација, (објавен во “Сл. весник на РМ” бр.20/98), кој претрпе неколку измени и дополнувања. Целта на донесувањето на овој закон беше да се исправи една историска и идеолошка неправда кон сопствениците (или нивните наследници) на имотот кој им беше одземен во предходниот систем и им се овозможи повторно да го остварат правото на сопственост врз истиот. Донесувањето на Законот беше и во насока на почитување на уставното право на сопственост на имот, како едно од фундаменталните права. Така, според членот 30 од Уставот на РМ, “се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуват од неа, освен за работи за јавен интерес утврден со закон”. Наведената уставна одредба го гарантира и правото на сопственост и за оваа категорија на граѓани на кои имотот им беше одземен врз основа на прописи кои беа во важност во еден друг систем, или без правна основа.

  • Согласно член 2 од Законот за денационализација, се враќа имот односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени од 2 август 1944 година:
  • врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста;
  • врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, одосно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и
  • без правна основа.

Тргнувајќи од постојните правни пречки или неможноста од објективни причини да се врати национализираниот имот, Законот предвидел и решение според кое не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за:

  • имот на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон право на сопственост стекнало друго физичко или правно лице со правно дело или одлука на надлежен орган и
  • национализиран сточен фонд.

Покрај ова, Законот за денационализација (ЗН) им дава можност и на поранешните сопственици на кој им бил платен надомест за одземениот имот, да можат да стекнат право на сопственост на истиот, доколку го вратат примениот надомест во износ, на начин и постапка регулирани со пропис на Владата на РМ.

  • За остварување на правото на сопственост Законот ги предвидел потребните докази кои барателите треба да ги достават до органите за денационализација, меѓу кои и акт за одземање на имотот. Меѓутоа, земајќи ги во предвид околностите во кои е национализиран имотот, кога не беше почитувано (или сосема игнорирано) правото на сопственост, закододавецот во членот 48 утврдил дека во случај ако актот за одземање на имотот и доказите за сопственост барателот не може да ги приложи, а тие се наоѓат кај сегашниот сопственик или друг орган, органот за денационализација ќе ги прибави по службена должност “. 
  • Со Уредбата за спроведување на постапката за денационализација, донесена од страна на Владата на РМ на 23.05.2000 година, подетално се регулира постапката и начинот на враќање на одземениот имот, потребната документација и предавањето на имотот на поранешните сопственици или нивните наследници. Со Уредбата, се допрецизират и доказите за сопственост во отсуство на акт за одземање. Така, “кога барање за денационализација е поднесено за имот одземен без правна основа, како и кога одземањето на имотот е извршено врз основа на прописи, а при тоа на поранешниот сопственик не бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање, покрај доказите наведени во членот 47, став 3 точка 3) од Законот, како доказ за идентификација може да се приложи секој доказ од кој на непосреден или посреден начин се утврдува дека имотот го има државата, единица на локална самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција...” Ваквото решение главно се заснова на фактот што во периодот на одземање на имотот од идеолошки причини многу често имотот им беше одземен на сопствениците без правна основа или, воопшто не им бил даден никаков акт за одземање.

Наспроти ваквата прецизна законска одредба, комисиите за денационализација многу ретко истата ја применуват во практиката, а главно барањата за денационализација ги одбиват токму поради немањето на акт за одземање, со што директно се крши законот, а на штета на барателите.

  • Можност за располагање со имот-предмет на денационализација од други лица – дали се загрозува правото на сопственост?

Во изворниот текст на Законот за денационализација, со денот на влегување во сила на овој закон не е дозволено располагање со имотот кој е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот. Правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со став 1 на овој член се ништовни. “ Ваквото решение имаше за цел да им гарантира на поранешните сопственици дека додека тече процесот на денационализација на предметниот имот, нема да им биде загрозено правото на сопственост преку располагање или отуѓување од други лица и дека истиот ќе можат да го вратат во сопственост. Меѓутоа, со натамошните измени на Законот, ова право се деградираше. Така со измените на Законот во 2007 година (“Сл.весник на РМ” број 44/07) правото на забраната за располагање или отуѓување на имотот-предмет на денационализација се гарантира само доколку барањето за денационализација е поднесено во рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година.

Со измените и дополнувањата на Законот за денационализација извршени во 2010 година (“Сл.Весник на РМ” бр.72/10) се оди уште понатаму во деградирањето на   ова право. Така, со дополнувањето на членот 49 со став 5, “органот за денационализација, односно судот по истекот на рокот од ставот 3 ( 7 мај 2003) за уваженото барање ќе определи надоместок, а ќе се врати само имот доколку не настапиле правни или фактички пречки до денот на мериторното одлучување”.Со ваквото решение покрај правниот аспект, како круцијално се поставува и прашањето за висината на надоместокот кој ќе им биде определен на поранешните сопственици во однос на реалната цена на пазарот.

Според измената во членот 64 од Законот, по истекот на рокот од став 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барањето за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористувањето на таков имот со кој се создават обврски за барателот е дозволиво. Склучените правни дела и едностраните изјави на волја со кои се располагало со имот - предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот (7мај 2003) било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижности врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација. Со ова фактички се ограничува правото на поранешните сопственици на национализиран имот, или на нивните наследници за остварување на основната цел за донесување на Законот - враќање на одземениот имот. Ваквата измена дозволува располагање или отуѓување на имотот кој е предмет на денационализација како од страна на државните органи, така и од страна на поединци или правни лица, преку добивање на дозвола или одобрение од страна на државните органи, со што потполно се игнорира и основната интенција на законот. Со изземањето пак на верските храмови, манастири и вакафи од примената на овие решенија, поранешните сопственици на национализираниот имот се стават во нееднаква положба, со што се крши и уставното начело на обезбедување еднакви права за сите граѓани и правни лица. Ова и особено поради фактот што во практиката враќањето на имотот на верските заедници се врши многу поефикасно и побрзо за разлика од граѓаните-поранешни сопственици.

Исто така, со измените и дополнувањата на Законот-член 6, став 3, според кои: “по предметите од став 2 од овој закон кои ќе бидат вратени на повторно постапување пред органот за денационализација, се применуват одредбите на овој закон”, ќе се поттикне неефикасноста и одолговлекувањето на решавање на барањата за денационализација (што беше практика на Второстепената комисија, или надлежниот суд) , а кои биле поднесени пред 7 мај 2003 година, што ќе биде на штета на поранешните сопственици.

Со ова се крши и Уставот на РМ, според кој законите можат да имаат ретроактивно дејство само ако се поповолни за граѓаните, што не е случај со решенијата усвоени со измените и дополнувањата на ЗД.

  • Спор и неефикасен процес на на денационализација - постои ли оптимизам дека овој процес конечно ќе се реши?

Тргнувајќи од фактот што правото на сопственост е едно од фундаменталните права загарантирани со Уставот и дека ова право поради идеолошки причини им беше одземено на голем број на граѓани, Законот за денационализација предвидува дека “постапката за денационализација е итна”. Според Законот (член 53, став 3), “Решението за денационализација, органот за денационализација е должен да го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето, а во посложени случаи најдоцна шест месеци по разрешувањето на предходното прашање.”

Согласно пак Законот за општата управна постапка, органите кои решават во управни работи, должни се да обезбедат ефикасно остварување на правата и интересите на странките во управната постапка. Во практиката, ефикасноста на процесот на враќање на имотот како законска обврска остана само на хартија. Така, наместо итно решавање на барањата, процесот на денационализација трае повеќе од 10 години, а иако одредени барања се поднесени уште во 1998 година, сеуште не е донесена било каква одлука. Ова е во суштинска спротивност со прецизно утврдените законски рокови за решавање на барањата за денационализација. Непочитувањето на законските рокови има повеќестрани негативни последици по однос на владеење на правото, гарантирањето на правото на сопственост и правната сигурност. Владата вети брзо завршување на овој процес, но наместо тоа во неколку наврати го пролонгираше рокот до кој денационализацијата треба да биде завршена.

На пречекорувањето на законски определените рокови укажува и Народниот правобранител во извештаите за работа кој оценува дека има “слабости и големи пропусти во водењето на постапките, неправилности во примената на Законот”. При тоа, овој орган го поставува и прашањето: “кога и дали воопшто процесот на денационализација во РМ ќе биде успешно завршен на начин што граѓаните ќе ги остварат своите барања, односно ќе ги решат долгогодишните проблеми?” Поради ваквата неефикасност, е невозможно временски да се определи кога овој процес ќе заврши. Спориот и неефикасен процес на враќање на имотот е забележан и од страна на Европската комисија во својот последен извештај за напредокот на Република Македонија во исполнувањето на бараните критериуми за приклучување кон Унијата, според кој “иако Владата формираше Комисија за координација на процесот на денационализација на чело со Министерот за финансии, тоа не придонесе за значително забрзување на процесот”. И додека во другите земји од т.н.” комунистички блок”, овој процес одамна е завршен и имотот е вратен на поранешните сопственици со кој тие располагат во Македонија овој процес.

--------------------------------------------------------

Извештаи на Народниот правобранител за 2008, 2009

трае неоправдано долго, без изгледи дека ќе биде завршен во догледно време.  

  • Главните причини за ваквата состојба треба да се лоцират во:
  • -немањето на политичка волја на власта за завршување на овој процес наспроти декларираните изјави пласирани во јавноста. Напоредно со одолговлекување на постапката за враќање на имотот, власта креира клима во јавноста дека забрзано се работи за завршување на овој процес, со зголемување на бројот на лицата во комисиите, но ефектот од таквите мерки е зголемениот обем на средства кои се одвојуват од буџетот за нивниот надоместок.

Според неофицијалните информации, во буџетот секоја година се алоцират определен обем на средства за обештетување на барателите на имотот без оглед на тоа за случаи барања се исполнети условите за враќање на имотот, или обештетување со обврзници. Такви насоки им се дават и на Комисиите. Со ваквиот однос, оправдано се создава сомневање за селективност при враќање на имотот и за повреда на правата на барателите и нивен нееднаков третман. Првостепените комисии наместо да постапуват по укажувањата на повисоките органи во законски предвидените рокови, одлуките ги донесуват после една до две или повеќе години, најчесто донесувајќи иста одлука.

Загрижува фактот што органите за денационализација не постапуват ниту по пресудите на Врховниот суд, што претставува кривично дело, но за таквото однесувањене се презема никаква одговорност.

Одолговлекување на враќање на имотот и по десетина години создава сериозни сомневања за злоупотреби поради задоволување на интересот на одредени моќници нелегално да се стекнат со предметниот имот по багателни цени.

- Некомпетентни и нестручни службени лица вклучени во органите за денационализација.Покрај ова, постојат и субјективни причини за одолговлекување на овој процес. Лицата вклучени во овие комисии редовно со години примат надоместок за нивниот ангажман, па оттука и немањето на мотив за завршување на предметите, бидејќи со тоа би изгубиле значителни материјални средства.

  • Народниот правобранител за членовите на комисиите за денационализација укажува на: “несовесност, непрофесионалност и неекономичност во вршењето на работите и дека барањата со години стоеле во фиока”. Оправдувањето на комисиите дека барањата не се решават со години бидејќи не биле комплетни е неприфатливо. Според овој орган: “сериозно загрижува фактот дека постои елементарно непознавање на правната регулатива за жал од лицата кои по закон се најповикани да ја познават законската материја од причини што истата директно ја применуваат”. 
  • Неефикасна работа на органите за денационализација

Според Законот за денационализација, министерот за финансии може да формира една или повеќе комисии за одлучување по барањата за денационализација. Изборот на членовите на комисиите ги врши министерот за финансии од редот на државните службеници од разни органи, иако Законот конкретно не упатува на вакво решение и не спречува во овие органи да членуват стручни лица од имотно-правната област надвор од државните органи, со што би се придонело за поголема компетентност, стручност, непристрасност и ефикасност. Наспроти ова, комисиите со ретки исклучоци, се партизирани и најчесто без потребната стручна подготовка, знаење и искуство.Во оваа насока се и констатациите на Народниот правобранител дека за: “членови на комисиите се именуват лица кои воопшто немат никаква точка со управната материја и денационализацијата, а штетата ја трпат исклучиво граѓаните-странки во постапката, кои мора дополнително да се изложуват на трошоци за поднесување тужби за покренување управен спор”.

-------------------------------------------------------------------------

*Годишен извештај за работана Народниот парвобранител за 2008 година

Оттука, наместо непристарсност, професионалност и компетентност и почитување на законот, комисиите за денационализација ги спроведуват политиките на Владата за одолговлекување и селективност при решавање на барањата за денационализација.

Декларативната определба за забрзување на завршување на процесот на денационализација, резултираше со зголемување на бројот на членовите на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен по предметите од областа на денационализацијата (Второстепена комисија), што немаше позитивни ефекти во насока на поголема ефикасност, освен издвојување на поголеми износи на име надоместок за повеќе лица. Народниот правобранител покрај другите проблеми во работата на Второстепената комисија забележува “повреда на принципот на деволутивност со оглед на тоа што за не мал број на случаи исти лица одлучуват и во прв и во втор степен”. По правило за председател на оваа комисија наместо стручно лице се именува висок владин функционер, кој најчесто го нема потребното знаење и искуство.

Непримената на мериторно решавање на предметите од страна на Второстепената комисија. Во практиката покрај спороста и неефикасноста, присутна е и недоследна примена на институтот - мериторно решавање на предметите за денационализација во случаите кога се исполнети условите за тоа. Имено, согласно членот 242, став 3 од ЗОУП: “кога второстепениот орган постапува по изјавена жалба против решение кое еднаш било поништено и вратено на поворно решавање, постапувајќи по жалбата, самиот ќе го реши проблемот”. Наспроти јасната законска обврска, Второстепената комисија скоро никогаш не решавала мериторно. Наместо тоа, по два или повеќе пати предметот го враќаше на првостепениот орган на повторно разгледување и одлучување, што покрај успорување на процесот значи и кршење на ЗОУП на штета на барателите.

----------------------------------------------------

Извештај на Народниот правобранител   за 2007

Причините за непримената на наведената одредба од ЗОУП, покрај нестручноста и непрофесионалноста на членовите на Комисијата треба да се лоцират и во стравувањето од евентуални последици од позитивно решавање на барањата.

Со измените и дополнувањата на Законот за денационализација од 2 мај 2010 година (“Сл. весник на РМ” бр.72/10), е укината Второстепената комисија, па согласно членот 3 од овие измени против решението на органот за денационализација може да се поведе управен спор. Се очекува оваа ова измена да има позитивен ефект по однос на ефикасноста на постапките за денационализација.

 

  • Улогата на Државното правобранителство на РМ во процесот

Согласно Законот за државно правобранителство (“Службен весник на РМ” бр.87/07), Државното правобранителство е “државен орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија”.Тргнувајќи токму од надлежноста на овој орган, Законот за денационализација предвиде вклучување на овој орган во постапката за денационализација заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија. Меѓутоа, заштитата на интересите на државата претпоставува и почитување на уставното право на сопственост на барателите на денационализација на одземениот имотот кога постојат докази за тоа, како и ефикасност на постапката, како еден од клучните постулати на овој процес. На жалост, практиката покажува дека Државното правобранителство има удел во закочување на овој процес преку вложување на жалби или покренување на управен спор во случаите кога комисиите за денационализација позитивно ги решиле барањата за денационализација. Ова креира сериозни сомневања дека овој орган во постапката за денационализација, наместо почитување на законот се раководи од спроведување на политиките на Владата. Самиот факт што Државниот правобранител по предлог на министерот за правда го именува Владата, пред која и одговара за својата работа (член 18) а според членот 25 од Законот, “Владата може да го разреши државниот правобранител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата”, на Владата и дава алатка да го разреши државниот правобранител секогаш кога смета дека не ги спроведува нејзините политики. Оттука и сомневањето во кредибилитетот на овој орган за самостојно донесување на одлуки согласно Законот, на сметка на спроведување на политиките на Владата. Тоа може да се констатира и од Извештајот на државното правобранителство за 2009 година, во кој се посочува дека за споровите кои биле покренети од страна на правни и физички лица против државата, државниот правобранител успеал да “заштеди одлевање на средтва од буџетот”. Од друга страна, надоместокот кој со години се исплатува на членовите на комисиите за денационализација, наспроти нивната спорост и неефикаснсот, ниту фактот што токму поради спороста на процесот државата ќе треба да им плати оштета на барателите кои ќе покренат постапка пред надлежните органи, меѓу кои и пред Меѓународниот суд на правдата, за Државното правобранителство не значи “одлевање на буџетски средства”.

И Народниот правобранител оценува дека: “Државното правобранителство кое покрај останатото вложува жалби и поднесува тужби за покренување управен спор и во случаите кога земјиштата или другите имоти се одземени со одлуки донесени од страна на органите на поранешните околии или опшини,односно за потребите на општините или општествените претпријатија. Притоа се занемарува неспорниот факт дека во ваквите случаи се работи за исти присилни прописи по кои одземањето го вршела државата....”

Оттука, недозволиво е заштитата на имотните права на државата да биде на штета на правата на поранешните сопственици.

  • Има ли корупција во процесот на денационализација?

Спориот и неефикасен процес на враќање на одземениот имот на сопствениците, бројните опструкции со кои се соочуват барателите на денационалзиација, некооридинираноста на надлежните органи за денационализација и располагање со градежно земјиште, отуѓување на имотот предмет на денационализација или преземање на активности со кои се оневозможува враќање на имотот, креира сериозни сомневања за корупција. На вакви сомнежи посочува и Државната комисија за спречување на корупцијата, дека: “во завршницата на процесот за денационализација има сериозни опструкции на постапките и на смислата на Законот преку неефикасност и спреги меѓу надлежните органи при што доаѓа до воспоставуавање сопственичко право врз имот - предмет на денационализација со цел задоволување бизнис интереси подпомогнати од поединци од органите надлежни за спроведување на Законот”. ДКСК, исто така, укажува дека постапувањето по барањата недозволиво долго трае “како плод на синхронизирано дејствување на надлежните органи кои треба да овозможат враќање на имотот на поранешните сопственици при што се дозволуват фактички промени врз имотот со цел правото на поранешните сопственици трајно да не може да се оствари”.

Бројните претставки до Државната комисија за денационализација и Народниот правобранител само ги потврдуват сомневањата за корупција во оваа област. Така, од 211 претставки доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во текот на 2009 година, поради корупција кај државните органи, најголем дел се однесуват за денационализацијата. До Народниот правобранител во 2007 година, од вкупно доставени претставки за имотно-правни работи, дури 45,1% се однесуват за денационализација, во 2008 година-32,81% а во 2009 година- 37,49%.

 

Извештај за работа на ДКСК за 2009,

Извештај на Народниот парвобранител за 2007, 2008, 2009 година 

ДКСК во текот на 2008 и 2009 година, покрена неколку иницијативи до Јавното обвинителство за кривично гонење на службени лица од комисиите за денационализација при Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и други органи поради злоупотреба на службената положба и овластување поради тоа што не овозможиле враќање во сопственост на национализираниот имот, опструкции на постапката за денационализација и отуѓување на градежно земјиште- предмет на денационализација. Иницијативи за кривично гонење на овластени службени лица поради злоупотреба на службената положба и овластување во процесот на денационализација се поднесени до Јавниот обвинител и во предходните неколку години, но сеуште нема исход од истите. Чести се случаите на некоординираност помеѓу министерствата за финансии и транспорт и врски. Така, иако Министерството за финансии во одделни случаи донело решение за враќање на имотот, Министерството за транспорт и врски предметниот имот го продава на трети лица на кои им се дават одобренија и дозволи за градба при што се платени сите давачки кон Градот и општината. Треба да се потенцира дека за ваквите случаи, без оглед на исходот на судските постапки кои се водат за утврдување на правото на сопственост, државата ќе мора да плати оштета на поранешните сопственици, или на лицата кои го купиле имотот. Ваквите случаи креират сериозни сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и корупција, но на жалост сеуште не е покрената никаква постапка за нивна одговорност.

Оттука, доколку власта навистина се залага за почитување на Законот и процедурите, како и за конечно финиширање на процесот на денационализација, ќе треба да го провери имотот на членовите на органите за денационализација и други службени лица инволвирани во овој процес и да бара да го докажат потеклото на имотот со кој се стекнале за време на нивниот ангажман во овие органи.

Економски импликации од процесот на денационализација 

Одолговлекувањето на процесот на денационализација ја чини државата значителни финансиски сретства кои се одвојуват од буџетот повеќе од десет години за надоместок на членовите на комисиите кои одлучуват по овие предмети.Покрај ова, од буџетот ќе мора да се издвојат многу поголеми средства за обештетување кое државата ќе треба да го им плати на барателите кои покренале судска постапка поради спороста и неефикасноста на процесот.-Неможноста поранешните сопственици да го остварат правото на сопственост врз национализираниот имот покрај правни и политички има и економски консеквенции.Тие се спречени да го владеат имотот и остваруват приходи (од земјоделско или градежно земјиште, деловен простор и сл.).

Од друга страна, се овозможува незаконско користење на имотот од трети лица, кои располагат и го користат имотот предмет на денационализација во спрега со лицата кои одлучуват по овие барања и со кои не ретко се воспоставени и зеднички бизнис релации.

-Нерешените постапки за денационализација негативно влијаат и за реализација на одредени проекти од урбанистичките планови во општините- кои се стопирани или не можат да започнат токму од овие причини, што негативно влијае врз поттикнување на инвестициите и со тоа на економскиот раст.

-Неефикасниот процес на денационализација го урива и имиџот на државата поради непочитување на едно од фундаменталните уставни права-правото на сопственост и негативно влијае кај потенцијалните странски ивеститори, за кои сопственоста и нејзината загарантираност и заштита се од суштинско прашање.

Предолгиот неоправдан процес на денационализација, има негативни импликации и врз привлекувањето на инвеститорите -на домашните, но и на толку посакуваните странски инвеститори( за што државата троши огромни сретства за кампањи), бидејки за нив е многу полесно, побрзо и поефтино да се договорат со сопствениците на имотот, отколку со државните органи-поради спората, неефикасна и не ретко корумпирана администрација. Искуството од земјите во кои овој процес е одамна и многу брзо завршен, покажува дека обемот на странските инвестиции значително бил зголемен. Оттука, неоспорен е фактот дека инвеститорите ќе го вложат својот капитал во земја во која сопственоста се третира како едно од фундаменталните права, во земја која се смета за сигурна и гарантира правна сигурност на инвестициите.

Со цел да се има увид во тоа колку буџетски сретства се одвојуват за оваа цел, Институтот за човекови права согласно Законот за слободен пристап до информации се обрати до Министерството за финансии, со барање за добивање на податоци за тоа:

-колку сретства од буџетот се исплатени на поранешните сопственици, или нивните наследници за периодот 2006-2009;

-колку буџетски сретства се исплатени на име надоместок на членовите на комисиите кои постапуват по барањата за денационализација за истиот период. Според добиените податоци само за исплата на сретства за имателите на обврзници се исплатени средства и тоа во:  

И после истекот на законскиот рок, Институтот не доби одговор на прашањето колку сретства се платени на име надоместок на членовите на комисиите, (заради споредба со средствата одвоени и платени од буџетот за основната намена на Законот - обештетување на поранешните сопственици), што говори за неодговорен, бирократски и нетранспарентен однос на овој орган. Наспроти обврската од Законот за слободен пристап до информации (член18), според која, ако имателот на информации не располага со бараната информација, најдоцна 10 дена од денот на приемот на барањето е должен истот да го препрати до имателот на истата и за тоа извести барателот, Министерството за финансии го извести Институтот дека не располага со бараните информации и истите да се побарат од други органи.

Предвид на изнесеното, тешко може да претпостави кога и дали воопшто поранешните сопственици на национализиран имот, ќе успеат да се стекнат повторно со правото на сопственост, со што ќе се поправи и една историска грешка. Со ваквата динамика на враќање, шансите за оптимизам се многу мали.