Македонски Shqip English

Иџет Мемети

Состојбата во Република Македонија VIS A VIS човековите права и слободи

Улогата на Народниот правобранител - во услови на поделба на власта е да биде институцијата која има за цел да сигнализира законитост и одговорност во практикувањето на властите. Оваа позиција од една страна му овозможува непристрасно да ја согледа состојбата во функционирањето на управата/администрацијата, судството, јавните претпријатија или со еден збор на централната и локалната власт, но од друга страна претставува обврска да биде крајно внимателен при соопштувањето на неговите ставови, од причина што секоја негова критика мора да биде издржана, поткрепена со факти, со цел да биде прифатена.

Нашето општество веќе две години е во длабока политичка криза, можеби зборот „длабока политичка криза“ е премек за реално отсликување на состојбите. Со обелоденувањето на аферата со масовното прислушување, под сомнеж се стави функционирањето на целиот систем, а особено институциите на кои основна надлежност им е безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Сведоци сме на ерозија на системот - нефункционални институции, кои меѓусебе имаат лоша комуникација, што, пак, директно влијае на прекршувањето на правата на граѓаните и нивниот квалитет на живеење.

Општо е познато дека во состојби на криза на системот, човековите слободи и права се први на удар, а институциите за заштита стануваат немоќни, особено поради несоработката на властите.

Може да се констатира дека трендот на игнорантскиот однос на одредени институции кон Народниот правобранител и натаму продолжува, иако во меѓувреме сите релевантни меѓународни институции, вклучувајќи го и добропознатиот експертски тим на Прибе, упатуваат токму на спротивното - на целосна и квалитетна соработка, со единствена цел, граѓаните на брз и ефикасен начин да си ги остваруваат своите права.

Администрацијата наместо во полза на граѓаните работи во полза на партиите. Загрижувачки се појавите кога институции спроведуваат партиски агенди. Омбудсманот, во неколку наврати, го критикуваше функционирањето на институциите и по поставувањето на дополнителните министри.

  Се додека се практикува системот на групни вработувања на етничка основа, преку кој се врши манипулација  на граѓаните, без конкретна анализа на потребите на администрацијата нема да можеме да зборуваме за квалитетен административен систем. Напротив и понатаму ќе се соочуваме со гломазен бирократски апарат, со комплицирани управни процедури кои непотребно ги оптеретуваат и истоштуваат граѓаните.

Само за потсетување, во март годинава кога се презентираше Годишниот извештај  на Народниот правобранител јавноста беше информирана дека во 2015 година (годината кога почна кризата) беа примени најголем број на поплаки од граѓани, од кога постои институцијата Народен правобранител.[1] Во овој Извештај констатирани се бројни индивидуални, но и групни повреди како појави на масовно прекршување на човековите слободи и права. Незаконското следење на комуникациите, полициската бруталност при вршењето на полициските работи, бегалската криза, лошиот затворски систем, притисоците врз средношколците, противзаконската наплата на радиодифузната такса, ретроактивното укинување на правата за социјална заштита, беа само дел од појавите на масовно прекшување на човековите слободи и права.

За жал и оваа година не се променија состојбите, се уште имаме нефункционални институции на кои граѓаните не им веруваат, продолжува неквалитетното одлучување за правата на граѓаните, со еден збор, не се промени степенот на почитување на човековите слободи и права .

 Минатата година е констатирана појава на масовно прекршување на правото на приватност на личниот и семејниот живот на граѓаните, поради противзаконското следење на комуникациите, оваа година има појава на зголемена полициска бруталност врз демонстрантите, кои протестираа поради одлуката на Претседателот на државата за групна амнестија и бараа повлекување на оваа одлука.

Полициска бруталност констатирана е и при транспортот на притворените лица од случајот „Дива населба“, од затворите до судницата. По спроведена квалитетна истрага Народниот Правобранител поднесе барања за покренување на казнена одговорност за полициските службеници за кои убедени сме дека извршиле дело Малтретирање во вршење на служба. Но, што се случи? Досега ниту една пријава не е прифатена. Но не само тоа, неприфатливо е молчењето на Јавното обвинителство, кое или воопшто не одговара на дописите на Народниот правобранител, или одговорите се доставуваат во стилот да се задоволи формата, но не и суштината, иако ние со крајна внимателност се впуштаме во поднесување на конкретно барање за казнена одговорност.

Не се прифатени ниту трите барања за казнена одговорност кои ги поднесе Омбудсманот против затворските службеници, кои во најмала рака се однесуваат како шерифи сметајќи дека осудените и притворените лица не треба да ги уживаат правата дадени со меѓународните конвенции и домашната легислатива. Овие пријави покажуваат дека нема подобрување ниту во затворскиот систем кој со години е предмет на критики, не само од институцијата Народен правобранител, туку и од страна на сите релевантни меѓународни институции задолжени за нивно мониторирање.

 Констатирано е и дека нема никакво подобрување во однос на здравствениот систем во затворите, напротив годинава се плати со неколку изгубени човечки животи.[2] Неприфатливо и крајно нехумано е три години да не се имплементираат законски измени кои одат во насока на подобрување на здравствената заштита, затоа што секој поединец има право на пристап до здравствена заштита, па и лицата кои од различни причини се или во притвор или на издржување на затворска казна.

На крај, околу  последните измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, со кои се надевам дека Народниот правобранител[3] ќе стане национална институција за промоција и заштита на човековите слободи и права со полн капацитет.

Имено, од април следната година Народниот правобранител ќе може да промовира човекови слободи и права. Ќе може да дејствува како „пријател на судот“, со што ќе учествува во судските постапки во кои тој или странките ќе го побараат тоа, во кои ќе му биде овозможено увид во списите и активно да учествува со право да даде предлози и мислења.

Исто така, предвидено е судот да ги земе предвид барањата и предлозите на Народниот правобранител, како и неговите препораки или укажувања дадени пред органите над кои надлежно постапува, за сите постапки што се водени пред Народниот правобранител.

Судовите треба да го прифатат Народниот правобранител како пријател, затоа што само со заедничка соработка може да се надеваме на подобрување на квалитетот на судската заштита.

Но, за да профункционираат овие измени потребно е и финансиско и кадровско зајакнување на институцијата, констатација која не е само моја, туку и на експертската група на Прибе, како и на итните реформски приоритети кои Европската комисија ги постави пред Република Македонија. Ако и властите  гледаат на овие препораки како можност за зајакнување на институцијата, тогаш убеден сум дека многу скоро квалитетно ќе ги спроведеме направените измени, затоа што само со взаемна соработка на сите нивоа можеме да помогнеме граѓаните да имаат еднаков пристап до правото и правдата.

 

[1] Годишен извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права – 2015.

[2] Годишен извештај за степенот на обезбедувањето почитување,унапредување и заштита на човековите слободи и права 2015,Посебен извештај за општите состојби во однос на остварување на правата на жените кои се на издржување казна затвор во КПД „Идризово“2016

[3] Измени и дополнувања на Законот за народен правобранител(Службен весник на РМ бр 181/16)