Македонски Shqip English

д-р Трендафил Ивановски

Детерминанти во остварувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот

 

  1. НОРМАТИВНО ПРАВНИ ОСНОВИ ЗА ЗАШТИТАТА НА ОСНОВНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ

 

Како прва темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена со Уставот од 1991 година се – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Од деветте глави на Уставот, Втората глава е посветена на основните слободи и права на човекот и граѓанинот – преку утврдување на граѓанските и политичките слободи и права (чл. 9 – 29); економските, социјалните и културните права (чл. 30 – 49); гаранции на основните слободи и права (чл. 50 – 54) и основи на економските односи (чл. 55 – 60). Од вкупно 134 члена во Уставот најдиректно 52 ја уредуваат оваа материја, а индиректно – слободите и правате се предмет на интерес на уште толку уставни одредби.

Грижата за заштита на основните слободи и права е обврска на сите институции во системот на организацијата на државната власт – Собранието, Претседателот, Владата, а особено на: Судството – како основен облик на заштита на сите слободи и права; Народниот правобранител – кој ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од другите органи и организации што имаат јавни овластувања ( чл. 77 и Амандман XI); Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните основана од Собранието (чл. 76) и се разбира Уставниот суд на Република Македонија (член 110 алинеја 3 од Уставот).

Европската конвенција за човековите права и основните слободи, која поаѓа од Универзалната декларација за човековите права на Генералното собрание на Обединетите нации од 10 декември 1948 година, преку одредбите на членовите 2 до 14 од Конвенцијата и членовите 1 до 3 од Првиот протокол, членовите 1 и 2 од Четвртиот протокол, членовите 1 и 2 од Шестиот протокол, како и членовите 1 до 5 од Седмиот протокол, ги заштитува човековите права и основни слободи. Меѓу тие права и слободи покарактеристични се: правото на живот, забрана на тортура, правото на слобода и сигурност, правото на правично судење, правото на почитување на приватноста и семејниот живот, слободата на мислење, совест и вероисповед, слободата на изразување, слободата на собирање и здружување, забрана на дискриминација, заштита на сопственоста, право на слободни избори, слободата за движење, забраната на смртна казна, право на жалба во кривични дела, компензација за неправилно осудување и други.

 

  1. ДЕТЕРМИНАНТИ ВО ОСТВАРУВАЊЕТО НА ЗАШТИТАТА НА ОСНОВНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ

 

Основен услов за остварување на заштитата на основните слободи и права е постоењето и функционирањето на правна држава која се темели на принципот на владеењето на правото, во која тој принцип се остварува во реалниот живот.

Уставот е основна матрица на правната држава и основна претпоставка за остварување на уставноста. Неспорен е фактот, дека тој основен документ, кој ги гарантира основните слободи и права на човекот и граѓанинот и кој ја утврдува организацијата на државната власт, го имаме. Неспорно е и тоа дека уставните ограничувања на власта – се еден од основните столбови на демократијата. Во такви услови, слободата на законодавецот во нормативната сфера може да се остварува во рамките на уставно утврдените принципи. Таа слобода е детерминирана од темелните вредности, принципи и основи на Уставот, а во еден дел и ограничена, таму, каде што одделни односи директно се уредуваат со самиот устав.

Тргнувајќи од наведеното, се наметнува прашањето, каков е уставот, дали, како и колку тој се остварува и дали има сериозни проблеми во неговото остварување кои ја лимитираат уставноста, а со тоа и можноста од поцелосно остварување на уставно – судската заштита на основните слободи и права.

           Една држава за да може да се нарече демокртатска и правна, не е доволно само да донесе устав, туку е потребно да обезбеди негово остварување и контрола над неговото спроведување. Само на тој начин, Уставот ја добива својата смисла и станува вистинска брана од арбитрерност и самоволие. Со почитување на Уставот се обезбедува правна сигурност и стабилност на системот и се гради доверба во државата.

          Уставот на Република Македонија, како впрочем и уставите на повеќето други земји од Југоисточна Европа, се има впечаток дека тие устави на државите од транзитивниот период, повеќе се устави на желби. Имено, таквите устави, меѓу кои и нашиот, ги гарантираат скоро сите слободи и права, применети во земјите на западната демократија, меѓутоа материјалната основа и другите претпоставки за остварување на слободите и правата беа минимални и не обезбедуваа реална остварливост на самите устави. Идејните желби и определби за изградба на правна држава со демократски институции и со пазарна економија, останаа само како програмски очекувања без пореална основа за остварување на уставот и уставноста во земјите од т.н. нови демократии.

 

 

 

 

III.        ОСТВАРУВАЊЕ НА ЗАШТИТАТА НА ОСНОВНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ ДО ПОЧЕТОКОТ НА ДЛАБОКАТА КРИЗА НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО И ДРЖАВА

 

Започнатиот елан во остварувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, се одвиваше нормално на постојните услови. Основни детерминанти што имаа влијание на остварувањето на уставно -  судската заштита во Република Македонија се токму условите во кои се остваруваше принципот на владеењето на правото и на функционирањето на правната држава, а тоа беше мошне тешкиот и долг транзитивен период со сеуште не завршен период на сопственичка трансформација, период во кој имаше мешавина на ново во старо и старо во ново, понатаму имаше застој во остварувањето на покоренити реформи и слабостите во функционирањето на институциите на системот, голем степен на партизација во бројни сфери на општествениот живот, отсуство на дијалог за основните вредности, присутен криминал и корупција, нестабилноста како во државата така и во нејзиното опкружување и пошироко, како одлика во еден долг период по девеесетите години, потоа судирот на нормативното и реалното и сл. Сите овие фактори – како структурни проблеми за остварување на уставноста и манефестираните слабости што можат да го загрозат нормативно – правниот и општествениот поредок, се усложнуваат уште повеќе во услови на недоволна економска развиеност, висока стапка на невработеност и низок животен стандард, карактеристични за Република Македонија.

Недоградените односи и ненаучената лекција на новата демократија, честите надворешни и внатрешни политички превирања, беа своевидна детерминанта во остварувањето на човековите слободи и права. Притоа, беше присутен судирот на нормативното и реалното – преку нагласен нормативизам, осамостојување на формално – нормативната сруктура до фетишизирање на нормата. Имено, имаше појави во желбата да се решаваат постојните проблеми, лесно да се посега по нормативно - правниот зафат во уредување на односите; се препишуваше се и сешто; растеше уверувањето дека разрешувањето на проблемите е можно само со нивното уредување; се создаваше импозантна маса на институции и норми; се прикажуваше стварноста во подобро светло; нормата стануваше цел сама за себе, а нејзиното неостварување често произведуваше нова норма и се создаваше илузија дека во општеството се случуваат интезнивни и длабоки промени и слично.

Горенаведените детерминанти – како структурни проблеми за остварување на уставноста и манифестирани слабости што можат да го загрозат нормативно – правниот и општествениот поредок воопшто, се усложнува уште повеќе во услови на недоволна економска развиеност, како што е со нашата држава. Неопходните средства за развој, што можеа да извршат отстранување и ублажување на таквите детерминанти, се бараа во подобрување на стандардот на живеење и во создавање услови за реално остварување на уставно загарантираните слобди и права.

Во овој период од донесувањето на Уставот од 1991 година до 2010 година, се настојуваше грижата за заштитата на основните слободи и права да ја сносат сите институции во системот на организацијата на државната власт, а особено на судството како основен облик за заштита на сите слободи и права и на Уставниот суд како директен заштитник на одделни слободи и права. Имено, според Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваа на слободата на уверувањето, совеста мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. За разлика од други земји кои предвидуваа уставно – судска заштита на сите слободи и права гаранирани со нивниот устав, Уставот на Република Македонија е рестриктивен односно точно ги наведува оние слободи и права чија што заштита е во надлежност на Уставниот суд. Од погоре наведеното произлегува дека Уставниот суд штити само определени лични и политички слободи и права, додека нема надлежност за заштита на социјално – економските и културните права.

Без оглед на тоа што воведувањето на оваа надлежност со Уставот од 1991 година, претставува значајна новина во традицијата на уставното судство во Република Македонија, незијната ограниченост на мал број слободи и права го намалува позначајното навлегување на Судот во непосредна заштита и на другите слободи и права. Реформата во судскиот систем се уште ја немаше дефинирано својата рамка, така што, постоеше опасност Уставниот суд да се претвори во редовен суд, со што ќе навлезе во работата на редовното судаство и ќе создаде судска дихотомија.

Гледано низ бројки, во периодот до септември 2010 година, пред Судот биле поднесени вкупно 159 барања за заштита на слободи и права, што значи во просек по околу 10 барања годишно. Во најголем број, поднесените барања се однесувале на забраната за дискриминација, слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и на слободата на политичкото здружување и дејствување.

Во 26 случаи, Судот ги одбил барањата, во 120 случаи ги отврлил барањата (поради отсуство на процесно правни претпоставки за одлучување), 12 предмети биле завршени по административен пат. Судот, само во еден случај утврдил повреда на уставно загарантираното право на политичко дејствување, со неприфаќање на кандидатура на локални избори, при што Судот покрај утврдувањето на повредата на ова право, го поништил и конечното решение на изборната комисија. Во случаите кога Судот го одбива барањето за заштита на слободи и права, тој навлегува во мериторното разгледување на случајот, но ненаоѓајќи повреда на уставно загарантирана слобода или право, барањето го одбива, а при отфрлање на барањата не навлегува во мериторна расправа и истите ги отфрла поради недостиг на процесни  претпоставки.

Од наведеното може да се заклучи дека постојат повеќе фактори што влијаеле ограничувачки врз улогата на Уставниот суд во директната заштита на слободите и правата на граѓаните. Судот најчесто барањето за заштита на одделна слобода и право,ја трансформираше во апстрактна контрола на уставноста и законитоста, така што се бројни интервенциите во законите (кои биле оценувани и прогласувани за противуставни), а повод било барање за заштита за слободи и права.

Преку традиционалната форма на actio popularis, оваа контрола се јавувала како прашање од јавен интерес, иако најчесто во овие инцијативи е содржан вистинскиот индивидуален интерес на граѓаните или дригите субјекти. На тој начин, апстрактнтата контрола претставуваше средство за остварување на индиректна заштита на човековите слободи и права, кое ја компензира ограничувачката надлежност на Судот во остварувањето на оваа заштита на непосреден начин.

 

  1. ДЛАБОКАТА КРИЗА НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА И ОПШТЕСТВО

 

Деновиве, поточно на 11 декември го одбележуваме значајниот датум посветен на човековите слободи и права. Тоа е доволен повод да се осврнеме на скоро седум децениското одбележување на развивањето на заштитата на човековите слободи и права.

Тоа што и случува на Република Македонија, во ова фаза од развојот на државата, особено во последните седум – осум години, е со еден збор – грозно. Државата е доведена до колапс, до можен конфликт и распад. Таа ја доживува најдлабоката криза од своето постоење, вклучително и по своето осамостојување. Суровата вистина е дека владејачката политичка сруктура, олицетворена во лидерството на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, организирана како мафијашко здружение, кое упорно и синхронизирано настојува да ги доразнебити и уништи македонската држава и народ. Се што презема оваа самобендисана власт, на која парите и моќта, особено во последните неколку години, и го поматија видот и умот,  води кон обезличување и уништување на конституцијата на државата и на конструкцијата на општеството .

Во режија на претседателот на ДПМНЕ и неговите најблиски соработници означени и по познати како „фамилијата“, со помош на обезличените претседатели на Републиката и на Собранието и во содејство на најверниот коалициски и тендерски партнер – мошне безобразно „технички“ го променија општественото уредување на земјата. Тие ги погазија основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Тие во поим и суштина го погазија системот што се темели на демократијта и на слободниот човек и граѓанин. Видливо од прислушуваните разговори низ „Вистината за Македонија“ го укинаа владеењето на правото и правнота држава, а поделбата на државната власт ја претворија во единство на власт, остварувана и раководена од партиската врхушка. Таквата авторитарна власт, ги зароби сите институции, вклучително судството и уставното судство. Во такви услови, таквата власт гази преку човечкото достоинство и работи спротивно на Уставот и законите, иако формално и без потреба, најчесто нагласува дека работи по желбата на народот. Всушност, таквата разуздана власт врши напад врз основните слободи и права на човекот и граѓанинот, што претставува најопасниот удар врз демократското општество.

Главно лого и мото на груевистичкиот режим е жедта за пресметка и за одмазда кон неистомислениците. Тој ја расчеречи и самата помисла за демократија – таа нему му е туѓа. Таа ја изгуби својата суштина и значење, а граѓаните ја изгубија својата слобода.

Сите ние сме заробени од владејачката структура, која е опседната со своите егоистички и партиски интереси. На сите рамништа, владее општа корупција и криминал и тоа во толкав размер на кој тешко може да се стави крај, без поголема подршка од меѓународниот фактор. Токму, посакуваните избори – но избори кои ќе бидат слободни, фер, демократски и кредибилни – се првиот можен тест за ослободување од наметнатиот јарем на лошата политика.

  Длабоката криза на македонската држава и општество, е всушност главната детерминанта во остварувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Само за пример, за жал, во наметнатите услови, во кои се прислушувани скоро триесетина илјади граѓани од страна на безбедносните служби под раководство и со знаење на врхушката на власт, што значи незамисливо кршење на приватноста, честа, угледот и достоинството на тие граѓани, не дава ни елементарна можност да се зборува за заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како основна темелна вредност на уставниот поредок на македонската држава и општество. Останува надежта дека наредната година, јубелејот посветен на заштитата на основните слободи и права, ќе се одбележи во битно променети демократски околности, со посветли перспективи за македонскиот граѓанин.

 

                

           

Скопје, декември 2016 година

                                                                                     Д-р ТРЕНДАФИЛ ИВАНОВСКИ

                          

                                                                         ----------------------------------------------------