Македонски Shqip English

м-р Костадин Богданов

Извршување на одлуките на Европскиот Суд за Човекови Права кои се однесуваат за Република Македонија

 

  1. Постапка за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права

Извршувањето на пресудите и определени одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е задолжителна обврска за високите страни договорнички и на тој начин се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди во споровите во кои се странки. Во согласност со член 46 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)[1] извршувањето на пресудите се врши под надзор на Комитетот на министри[2]. Ваквата надлежност Комитетот ја резлизира во принцип во текот на 4 редовни состаноци (DH meetings) во текот на годината. Суштината на оваа надлежност на Комитетот на министри е да обезбеди дека државите членки на Советот на Европа ги извршуваат пресудите и определени одлуки донесени од страна на ЕСЧП. Комитетот надзорот над извршувањето на  секој поединечен случај го завршува со донесување на финална резолуција.

Од државите се очекува да бидат преземени низа мерки во процесот на извршување на одлуките и истите се делат на два вида и тоа индивудуални мерки – кои се однесуваат и се насочени кон апликантот и општи мерки – се однесуваат на обврската на државата да превенира идни слични повреди на Конвенцијата или ставање крај на континуираните повреди на Конвенцијата.

Првиот вид на мерки се насочени кон одстранување на последиците кои апликантот ги трпел како последица на повредите на Конвенцијата констатирани во пресудата на ЕСЧП, и имаат за цел постигнување, на “restitutio in integrum” (враќање во поранешна состојба) во најголема можна мера.  

Обврската за преземање на индивидуални мерки има два аспекти: прво, државата во принцип има обврска на апликантот да му исплати определeн паричен износ на име правично обесштетување, односно надомест на штета за констатираната повреда на Конвенцијата, а досуден од страна на ЕСЧП во согласност со членот 41 од Конвенцијата.[3]

Вториот аспект се однесува на фактот дека последиците од повредата не секогаш се соодвeтно ремедирани исклучиво со исплатата на правичното обесштетување во износ досуден од страна на ЕСЧП или пак со самото констатирање на повреда на ЕКЧП. Во зависност од околностите, обврската за restitutio in integrum, може да бара преземање понатамошни мерки како на пример, повторување на постапката за која ЕСЧП констатирал дека била спороведена спротивно на членот 6 од Конвенцијата.[4]

Вториот вид на мерки се однесуваат на обврската на државата да превенира идни слични повреди на Конвенцијата или ставање крај на континуираните повреди на Конвенцијата (како на пример, законски или дури и уставни измени, или пак зголемување на бројот на персоналот, измена на постојните практики и сл.). При оценката на општите мерки, Комитетот на министри особено внимание посветува на ефикасноста на мерките од аспект на превенирање на идни слични повреди на ЕКЧП и на тој начин превенирање на ткн. „клонирани случаи„ пред ЕСЧП, со наводи за исти односно слични повреди на Конвенцијата како оние веќе утврдени од страна на ЕСЧП во претходни пресуди. Ова е особено важно од аспект на извонредно големиот број на апликации со кој се соочува ЕСЧП во последните години и потребата од обезбедување на долгорочна ефикасност на системот на извршување.

 

1.1 Опсег на надзорот кој го врши Комитетот на министри

Опсегот на мерките за извршување кои Комитетот на министри ќе ги бара или очекува во процесот на извршување на една пресуда, зависи од заклучоците во пресудата на ЕСЧП, гледани од аспект на праксата на Комитетот на министри  и релевантните информации за состојбите на национално ниво. Така понекогаш во процесот на следење и надзор на извршување на пресудите, Комитетот на министри може да оцени за потребно да почека ЕСЧП да донесе други дополнителни одлуки кои ќе понудат одговор на прашањето дали нови апликации од слична природа се недопуштени што докажува дека преземените општи мерки вродиле со плод и се ефективни во превенирањето на идни слични повреди или пак доведуваат до заклучок дека апликантот продолжува да ги трпи последиците од повредите на ЕКЧП или пак сеуште претставува жртва на веќе констатираните повреди.

Во однос на исплатата на правичното обесштетување, условите за извршување најчесто се составен дел на самата пресуда на ЕСЧП (рокот за исплата, валутата, затезната камата итн.). Исплататa сепак, како и во останатите држави членки на Советот на Европа, покренува понекогаш комлексни прашања,  на пример во случај кога  согласно пресудата износот треба да се плати на апликантот, а адвокатите бараат исплатата да се изврши на нивните сметки, или кога апликантите од определени причини одбиваат соработка и не ги доставуваат потребните податоци за непречена исплата на досудениот износ (на пр. недоставуваат сметка на која исплатата треба да се изврши) и сл. [5]

Во однос на природата и опсегот на мерките потребни за извршување на пресудата, независно дали се работи за индивидуалните или општите мерки, пресудите, во принцип, не се многу податливи. Ваквите мерки, како што впрочем и ЕСЧП и самиот констатира во многу прилики, треба да ги идентификуваат самите држави, под надзор на Комитетот на министри. За овие потреби, националните власти може да најдат насоки во богатата пракса на другите држави која се развивала низ годините и препораките на Комитетот на министри. Ваквата ситуација се објаснува со принципот на субсидиерност, согласно кој, одговорната држава има во принцип, слобода на избор во однос на мерките кои ќе ги презема со цел да ги исполни обврските од ЕКЧП, во однос на извршувањето на пресудите. Сепак, ваквата слобода оди рака под рака со контролата од страна на Комитетот на Министри, кој во текот на надзорот над извршувањето на конкретна пресуда, може да усвои одлуки или времени резолуции со цел да го изрази своето задоволство, загриженост,охрабрување и/или предлози во однос на мерките за извршување кои се очекуваат.

Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото преку Оделот за извршување на пресудите и одлуките на ЕСЧП, му помага на Комитетот на министри во надзорот на мерките кои се преземаат од страна на државата во процесот на извршување на пресудите на ЕСЧП. Оделот во процесот на извршување на конкретна пресуда, на државата може да и понуди, или на нејзино барање да одговори со разни форми на помош (совет, правна екпертиза, округли маси и други форми на таргетирана соработка).

 

1.2 Систем на надзор врз основа на „акциони планови„ и „акциони извештаи„

Надзорот се спроведува врз основа на систем на акциони планови и акциони извештаи подготвени од страна на надлежните државни органи во врска со секој конкретен предмет или група на предмети. Тие треба да ги објаснат мерките кои се веќе преземени или е планирано да се преземат (општи и/или индивидуални) за извршување на определна пресуда на ЕСЧП, а како одговор на повредите на ЕКЧП констаирани од страна на ЕСЧП. Акционите планови, меѓудругото ги содржат и роковите во кои планираните мерки треба да бидат преземени од страна на државата, односно националните надлежни органи, на истиот начин како што акционите извештаи содржат индикација за тоа кога биле преземени мерките за кои државата известува. Приложено кон извештаите се доставуваат и соодветни материјали во прилог, како доказ за преземените мерки. Правилата на Комитетот на министри кои го регулираат надзорот над извршувањето на пресудите и одлуките предвидува дека акционите планови треба да бидат доставени во што е можно пократок рок, а најдоцна во период од 6 месеци по конечноста на пресудата односно одлуката на чие извршување се однесуваат. Акционите извештаи се доставуваат, во принцип, последователно и со нив пред Комитетот на министри се реферира за реализацијата на активностите претходно предвидени во доставениот акциониот план. По добивањето на акциониот план од страна на државата, Секретаријатот врши прелиминарна оценка на предвидение мерки за извршување и предложената динамика за нивно спроведување. Во оваа фаза Секретаријатот може од државата да побара дополнителни информации, објаснување или друго, со цел усогласување на текстот на предложениот акционен план.

Акционите планови и извештаи може да бидат комбинирани во еден документ или пак да претставуваат одвоени документи, кои може односно треба  последователно да се ажурираат ( на пример во случај кога државата одлучила да преземе дополнителни мерки за извршување, кои неможеле да се индетификуваат во иницијалната фаза на извршувањето, односно кога државата известува за прогресот во спорведување на мерките предвидени во акциониот план).

 

1.3 Завршување на надзорот над извршувањето на конкретен предмет -  сите мерки преземени  - финална резолуција

Кога Комитетот на министри ќе го добие конечниот акционен извештај, со напомена дека државата смета дека сите мерки за извршување на пресудата се преземени, и соодветно образложение за причините поради кои смета дека не се потребни понатамошни мерки, започнува да тече периодот од 6 месеци во кој другите држави членки или Секретаријатот може да поднесат определени коментари во однос на прашањето за затворање на предметот. Прашањето за затворање на предметот се разгледува низ призмата на акциониот извештај и евентуално поднесените коментри. Кога државите членки и Секретаријатот ќе се согласат дека мерките кои биле предвидени и преземени од страна на државата се доволни, Секретаријатот ќе му предложи на Комитетот на министри, усвојување на финална резолуција. Процесот на надзор над извршувањето се смета за завршен, а пресудата за извршена со усвојување на финална резолуција од страна на Комитетот на министри.

 

  1. Системот на извршување на пресудите и одлуките на ЕСЧП во Република Македонија

Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права[6] ја регулира постапката за извршувањето на одлуките на ЕСЧП, донесени по предметите против Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на извршувањето.

Извршувањето на одлуките на ЕСЧП се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите како правична отштета и усвојување и преземање на поединечни и општи мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од истата, како и на причините што довеле до поднесување на жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди.

 

Извршувањето на одлуките на Судот, согласно со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи е задолжително за Република Македонија додека средствата за извршување се обезбедуваат од Буџетот на државата.

Надлежно тело за следење и извршување на одлуките на ЕСЧП во предметите против РМ е Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП која е формирана од страна на Владата на Република Македонија. Во однос на нејзиниот состав Меѓуресорската комисија согласно Законот за изменување и дополнување на законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права[7], ја сочинуваат функционерите кои раководат со Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и Министерството за финансии потоа по функција членови се претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд во Скопје, претседателот на Апелациониот суд во Штип, претседателот на Апелациониот суд во Битола, претседателот на Апелациониот суд во Гостивар, претседателот на Вишиот управен суд, претседателот на Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Македонија и владиниот агент додека со неа раководи Министерот за правда. Меѓуресорската комисија се состанува по потреба, а најмалку еднаш на три месеци и донесува Деловник за својата работа.

Меѓуресорската комисија за својата работа изготвува годишен извештај и истиот преку Министерството за правда го доставува до Владата и Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот при Собранието на Република Македонија и Собранието на Република Македонија, најдоцна до 31 март наредната година.

Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП претставува техничко административна подршка на Меѓуресорската комисија. Комуникацијата со Комитетот на министри, кој на ниво на Совет на Европа е задолжен за надзор над извршувањето на пресудите и одлуките на ЕСЧП, остана резервирана за Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, во чија надлежност, меѓу другото е не само организација, подготовка и подршка на работата на Меѓуресорската комисија, туку и изготвувањето на акционите планови и извештаи и нивно доставување до Комитетот на министри.

Во рок од еден месец од денот на објавата на одлуката на ЕСЧП, Бирото изготвува официјален превод на истата на македонски јазик и неговото кирилско писмо и врши објавувување на својата веб страница.[8] Рокот од три месеца за исплата на правичната отштета утврдена во одлуката започнува да тече од приемот на известието за конечност на одлуката од страна на ЕСЧП.

Бирото во рок од два месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот со која е утврдена повреда на правата загарантирани со Конвенцијата, ги известува Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд на Република Македонија, сите апелациони судови, основниот суд и сите други институции или субјекти кои биле директно вклучени во конкретниот предмет, за кој е донесена одлуката. Бирото веднаш, а најдоцна во рок од три месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот ја известува Меѓуресорската комисија за донесената одлука, за утврдените повреди и предлага можни општи и поединечни мерки за отстранување на повредите утврдени со одлуката.

Меѓуресорската комисија ја анализира одлуката на ЕСЧП, ги разгледува мерките од членот 23 на Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права и изготвува препорака до надлежните државни органи, единиците на локалната самоуправа, судството и јавното обвинителство за преземање на соодветни општи и поединечни мерки за можно отстранување на повредата утврдена од Судот и спречување на настанување исти или слични повреди. Горенаведените органи имаат за обврска да ја известат Комисијата за постапувањето по препораките согласно со закон.

Во периодот на 2016 година Република Македонија успеа во извршувањето и конечно затворање на околу шеесетина пресуди, со што се постигна исклучителен напредок кој воедно беше поздравен и во Извештајот за напредокот на Македонија во европските интегративни процеси за 2016 година.[9] Бирото во континуитет работи на неколку предмети кои треба да се најдат на листата на првиот нареден состанок на Комитетот на министри со што би се зголемила бројката на целосно затворени предмети.

 

 

[1] Член 46 од Европската конвенција за човекови права

Задолжителност и извршување на пресудите

  1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.
  2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.
  3. Доколку Комитетот на министрите смета дека надгледувањето на извршувањето на конечната пресуда е спречено поради проблем во толкувањето на пресудата, прашањето може да го упати до Судот за одлука по прашање на толкувањето. Донесувањето на одлуката дали прашањето да се достави до Судот бара двотретинско мнозинство на гласови од претставниците кои имаат право да заседаваат како членови на Комитетот.
  4. Доколку Комитетот на министрите смета дека Високата страна договорничка одбива да ја спроведе конечната пресуда во случај во кој што истата е странка, може откако на таа Висока страна договорничка и упати формално известување, и со одлука донесена со двотретинско мнозинство на гласови на претставниците кои имаат право да заседаваат во Комитетот, да го упати прашањето до Судот, дали таа страна не ги исполнила своите обврски според став 1.
  5. Доколку Судот утврди прекршување на став 1, тој ќе го упати случајот на Комитетот на министри за разгледување на мерките кои треба да се преземат. Доколку Судот уврди дека нема прекршување на став 1, тој ќе го упати случајот на Комитетот на министрите којшто ќе го заврши разгледувањето на случајот.

[2] http://www.coe.int/en/web/cm/execution-judgments

[3] Член 41 од Европската конвенција за човекови права

Правично задоволување

Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.

[4] Право на правично судење

[5] Ваквите случаи се решаваат согласно праксата на комитетот на министри (за повеќе види документ CM/Inf/DH(2008)7final)

[6] Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (Сл.весник на Р. Македонија бр.67/09 од 29.05.2009 година и Сл.весник на Р. Македонија бр.43 од 04.03.2014 година)

[7] Закон за изменување и дополнување на законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (Сл. Весник на Р. Македонија, бр.43 од 04.03.2014 година)

[8] http://biroescp.gov.mk/?p=483

[9] http://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/pdf/key_documents/2016/20161109_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf