Македонски Shqip English

Филип Медарски

Главните трендови поврзани со слободата на изразување во Р.Македонија

 

- анализа на Извештајот на експертската група на Прибе и Извештај на Европската Комисија за напредокот на Р.Македонија 2016-

           

            Кога станува збор за состојбата на човековите слободи и права во Р.Македонија, еден од најсоодветните пристапи за разбирање на оваа проблематика е анализата на меѓународните документи. Постојат повеќе такви релеватни  документи, меѓу кои како поважни може да се издвојат Извештајот на експертската група на Прибе[1] (понатаму: Извештајот) и скоро објавениот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Р.Македонија[2]. Со оглед на фактот дека  слободата на изразување, како едно од најважните права ја отсликува генералната состојба со човековите права во Р.Македонија, предмет на оваа анализа ќе биде токму слободата на изразување.

 

          Во Извештајот на Прибе во делот за медиумите беше потенцирано дека во чл. 16  од Уставот, Р.Македонија ја гарантира слободата на убедување, совест и мисла и јавното изразување на мисла, како и слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Правната рамка во делот на слободата на изразување е надополнета со сите релеватни меѓународни документи, кои се потпишани и ратификувани од страна на Р.Македонија, како на пример Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права на Обединетите нации.

 

          И покрај ваквата регулатива, во Извештајот е констатирано дека состојбата на слободата на изразување постепено се влошувала последните години. Констатирани се определени позитивни чекори во оваа област, како на пример декриминализацијата на клеветата и навредата, усогласувањето на регулативата со Директивата за аудио-визуелни медиумски услуги и формирањето на саморегулаторно тело (Советот за етика при ЗНМ), кои значително не придонеле за подобрување на состојбата.

 

           Во Извештајот е забележено дека земјата бележи огромен пад на листата на земји во светот и дека во 2014 година се наоѓа на 123 позиција на таа листа. Организацијата Фридом хаус во 2014 година земјата ја става во групата на делумно слободни земји по овој критериум во време на објавувањето на овој Извештај.

 

          Во контекст на тоа, во Извештајот се потенцира важноста на медиумите, не само како јавен коректор на власта, туку и како важен чинител за плурализмот, демократскиот развој и дијалогот во општеството.

 

          Главните проблеми, поврзани со слободата на изразување, кои овој Извештај беа констатирани беа атмосферата на страв, која поттикнува самоцензура кај новинарите, финансиската нестабилност на медиумите, која ги прави подложна на корупција преку системот на владино рекламирање и недостигот на уредничка независност на јавниот радиодифузен сервис. Понатаму, овој Извештај констатираше дека објавените разговори, кои потекнуваа од неовластеното прислушување од страна на опозицијата откриваат нездрава врска помеѓу уредници на главните медиуми и владините функциери, што директно влијае на правото на публиката да добива објективни и независни информации.

 

          Во Извештајот натаму беше констатирано дека овие проблеми биле истакнати во повеќе претходни меѓународни анализи за состојбата на човековите права во Р.Македонија, но дека македонската Влада не сторила ништо за состојбата да биде подобрена.

 

          Препораките кои согласно овој Извештај требаше да ги решат вака констатираните проблеми беа преземање на чекори за ослободување на медиумите од сите форми на политички притисок, целосно дистанцирање на медиумите од политичарите и политичките партии, јакнење на независноста на јавниот радиодифузен сервис, воспоставување на јасни правила за владиното рекламирање и градење воедначена судска пракса за случаите на клевета.

 

          За жал, од објавувањето  на овој Извештај до сега, можеме да констатираме дека ваквите препораки не само што не се имплементирани, туку постои една тенденција на влошување на овие состојби. Според најновиот Извештај на Фридом хаус за 2016 година[3], Р.Македонија веќе не спаѓа во делумно слободните земји, туку таа е поместена во групата неслободни земји. Главни причини за натамошното влошување на слободата на изразување се податоците во врска со обемот на неовластеното прислушување на новинари, натамошните коруптивни врски помеѓу владини функционери и сопственици на медиуми и зголемување на бројот на закани и напади кон новинари и медиумски работници.

 

          Слични состојби беа констатирани во најновиот Извештај на Европската комисија од ноември 2016 година. Најпрво, во воведниот дел од Извештајот за прв пат се употребува терминот заробена држава, а кој термин ја презентира состојбата на окупираност и масовно влијание на државните институции од страна на владејачката партија. Ваквата терминологија уште во воведниот дел од Извештајот претставува доволен показател и за генералната состојба на човековите права во Р.Македонија.

 

          Во овој Извештај јасно се укажува дека нема никаква имплементација на препораките од Извештајот на Прибе во делот на слободата на изразување, а причините за тоа пред се лежат во недостаток од политичка волја. Понатаму, овој Извештај констатира дека се уште нема транспарентно  владино рекламирање и не постои балансирано и разновидно новинарско известување. Укажано е дека со имплементирање на Договорот од 31-ви август постои благо подобрување на информирањето од страна на јавниот радиодифузен сервис, но состојбата мора и натаму да се следи. Во овој Извештај повторно се формулира сет од препораки, кои се на линија на претходните препораки од Извештајот на Прибе.

 

          Генерално, останува констатацијата дека Р.Македонија моментално спаѓа во групата неслободни земји, кога станува збор за слободата на изразување. Според Џорџ Орвел, ако слободата значи било што, пред се значи право да се каже она, што некој, односно власта, не сака да го чуе. Од ова е јасно е дека мора да постои силна решителност кај власта за да може да дојде до подобрување на состојбата во оваа област.

 

[1]Recommendations of the Senior Experts' Group on systemic Rule of Law issues relating to the communications interception revealed in Spring 2015

[2]COMMISSION STAFF WORKING DOCUMENT, The former Yugoslav Republic of Macedonia 2016 Report , Brussels, 9.11.2016

[3]Freedom House, Freedom in the World, Report 2016, Macedonia