Македонски Shqip English

Гордана Дувњак

Медиумите и човековите права

 

Во услови на раздрман  и нелојален медиумски пазар,кој не се темели на здрава економска логика,туку   Владата е еден од најголемите огласувачи и донатори, средствата за  информирање  се повеќе ја  губат својата вистинска суштина и стануваат оружје во рацете на политиката.

Со новинарската професија најчесто се врзуваат  зборовите како слобода на говор и слобода на информирање.Тие се едни од најуниверзалните и најдобро познати човекови права,кои што  влегуваат во основните човекови права и слободи.

Во  терминологија, слободата на говор најчесто  се дефинира како право  да се говори слободно, без цензура и страв од казна. Овие права се сметаат за темел на секое демократско општество, според кои, се цени и  степенот на развој, но и демократската свест во една држава. Тие не се само индивидуални  права, туку имаат и многу пошироко значење. Бидејќи, не се работи само за слобода на вербален говор, туку и за начин за  слободно барање, примање и пренесување информации или идеи. Поточно, за слободен проток на идеи, но и ефикасен начин за наметнување одговорност врз властите. Во таа смисла, улогата на медиумите  е да бидат т.н „кучиња чувари“ на демократијата. Новинарите информираат и пренесуваат пораки до јавноста,но во голема мерка помагаат за откривање и креирање мислења за идеите и ставовите на политичките елити. Но, и за детектирање и корегирање на аномалии во општеството.

И затоа не случајно, овие права се највисоко рангирани во  домашната регулатива и во меѓународните документи. Универзалната декларација за човекови права  во членот 19 ја препознава слободата на говор  како човеково право. Слободата на говор, на изразување, на информирање  ја заштититува и членот 10 од Европската конвенција за човекови права и слободи. Членот  16 од Уставот на Република Македонија, исто така, се движи во тие рамки, и гарантира цела низа  слободи поврзани со слободата на уверување, мисла, јавно изразување на мислата, слобода на говор, јавен настап, јавно информирање, слободен пристап до информации, но и право на одговор на исправка во средствата за јавно информирање, право на заштита на изворот на информации. Се разбира, цензурата најстрого се забранува.

Сепак, не смее да се заборави дека слободата на говор и изразување не е безусловна  и не може да се применува на начин на кој се кршат други права. Дека тие  можат да бидат ограничени  под одредени услови заради: заштита на правата и угледот на други, јавниот поредок, јавното здравје и морал, територијалниот интегритет и јавната безбедност...Но, секогаш во строго законска процедура и со јасно дефинирани цели.

Како е во праксата, со оглед на тоа што на Македонија секогаш „посилна страна“ и било законското нормирање и вградувањето меѓународни стандарди, а  најслаба алка-имплементацијата и почитувањето на она што е напишано на хартија?

Во последниве години не е многу популарно  да се биде новинар во Македонија, дури и во одредени ситуации е срамно. Длабоката општествена и политичка  криза го зафати и новинарството, а исполитизираноста во голема мерка се преслика и во медимите.Треба да се признае дека македонскиот медиумски простор е инфициран  со непрофесионалност, површност, едностраност, пропагандизам, сензационализам, како и автоцензура и демотивација. Се повеќе се обезвреднува новинарскиот труд, влошени се  условите за работа, а новинарите и  медиумските куќи се изложени на притисоци и закани од судски процеси. И покај тоа што бројот на случаи е драстично намален, заради  декриминализацијата на клеветата и навредата и префрлањето во  сферата на граѓанска одговорност, се  уште  постојат двојни аршини во судското постапување во предметите, во кои како тужители се јавуваат политичари од власта. Делителите на правдата,тогаш “забораваат“ на укажувањата на Европскиот суд на човекови права  во Стразбур, кој  препорачува дека политичарите мора да имаат поголем праг на толеранција за клевета и навреда, особено кога е во прашање јавниот интерес.

            Во услови на раздрман  и нелојален медиумски пазар, кој не се темели на здрава економска логика, туку  на неприродна ситуација, во која Владата е еден од најголемите огласувачи и донатори, средствата за  информирање  се повеќе ја  губат својата вистинска суштина и стануваат оружје во рацете на политиката. Во  тој биполарен свет на поделеност на провладини и проопозициски медиуми, се чини, најмногу страда професионалното новинарство. Станува колатерална штета во спрегата  на политичките интереси на центрите на моќ  и бизнис интересите на сопствениците на медиуми. Не ретко ќе се чуе и дека во време на сериозна закана од автократски режими, недозволиво  и премногу комфорно е слепото придржување до новинарските принципи. Кои, како што се тврди, треба да бидат оставени за некои нормални  времиња и околности, во кои ќе треба да се вратиме на вистинските вредностите во сите сфери, па и во медиумите.

Дека постои се поголема загрозеност на  слободата на говор и на инфомирањето, како и пад на новинарските вредности и стандарди, говорат и бројките  и фактите. Кои не се прашање на вкус или перцепција, туку на компаративни согледувања  и анализи на домашни и меѓународни експерти и организации.

Само како илустрација, во последниот извештај на  меѓународната “Фридом хаус“, Македонија  забележа дополнителен пат  на листата и од групата делумно слободни, влезе  во групата неслободни земји. Како што се наведува во Извештајот, тоа во голема мерка се должи на фактот  што на виделина излегоа скандалозни информации за масовно и нелегално прислушување новинари од страна на власта, корупциски врски меѓу  функционери и сопственици на медиуми, како и зголемени закани  и напади врз  медиумските работници.

Пад е забележан и на листата на „Репортери без граници“, каде од 34 место во 2013 година, стасавме  до 118 место од вкупно 180. Најлошо стоиме не само во споредба со земјите од опкружувањето и регионот, туку и во компарација со поголемиот број евопски земји.

И во последниот извештај на меѓународната  „Хјуман Рајтс Воч“ се заклучува дека новинарите од Балканот се соочуваат со непријателско опкружување кое им го отежнува критичкото известување. Се нотира дека владите немаат политичка волја да ја подобрат климата  за слобода на медиумите.

Според оваа  организација, независното новинарство  е соочено со ѕид и лошите состојби нема да  се променат  “ако ЕУ јасно не им укаже на владите во Западен Балкан дека нивните европски аспирации зависат од напредни и слободни медиуми“.

Во делот за Македонија се наведува дека  Владата не идентитификувала ниту еден осомничен за 30 напади врз новинари регистрирани во последните четири години.Од друга страна, пак, уапсени се  неколкумина новинари во сомнителни околности. Полицијата неколкупати тепаше новинари, за време на вршење на нивната професионална работа. Меѓу последните случаи што ги регистрираа и за кои протестираа Здружението на новинарите на Македонија и Новинарскиот синдикат, се примерите кога полицијата истепа  новинари и  неколку фоторепортери  на антивладин протест. Сите тие носеле  легитумации. Еден од заклучоците е дека во Македонија се уште се користи владиното рекламирање  како алтака за вршење притисок. Во извештајот беше нотиран и случајот со новинарот Зоран Божиновски, кој годинава беше екстрадиран  под обвиненија за шпионажа и уцена.

Треба ли да се потсетиме и на случајот со  колегата Томислав Кежаровски, како во  поглед на апсурдноста на казната и немањето кривично дело, така и во однос на немањето на чувство на судската власт за специфичноста на новинарската професија. Кривичниот судија  што го водеше овој случај, Дијана Груевски  во протестот на новинарската фела пред судот, како и  на присутните новинари облечени во маички со поддршка на Кежаровски, виде притисок. За жал, единствен  врз третата власт. Ниту збор за притисоците на останатите  две власти, раководителите на судовите. Главни виновници беа и останаа новинарите, кои се доживуваат како нужно зло, но не и  сојузник во битката за потрага по вистината.  

Можеби никој подобро не ја  скенираше ерозијата на македонското општество како  групата искусни странски експерти предводени од Рајнхард Прибе. Не случајно, и  оценките изнесени и во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија, во најголема мерка се  темелат токму на овој извештај.

Во т.н Извештај на Прибе, медиумите не случајно се најдоа во групата  од пет области на кои им се потребни длабоки и системски реформи, за да може нормално да функционира правната држава и да постои владеење на правото. Колку и да изгледа претенциозно тоа што некои  невладини кругови му дадоа митски карактер на овој извештај, нарекувајќи го  „Евангелие по Прибе“, сепак, насоките и препораките влеваат надеж дека работитите можат да тргнат на подобро.

Главната  поента во делот на медиумите е дека тие  мора да бидат клучен играч  во демократските  процеси, не само како јавен заштитник на граѓаните, туку  и како соработник на плуралниот развој на демократијата. Медиумската криза, се заклучува во споменатиот извештај, ги лишува новинарите од нивната способност  за извршување на нивната работа професионално и без страв.

Оттаму, не  треба ниту голема новинарска визија, ниту храброст, во предлагањето на решенија како да се излезе од ќор сокакот во кој се најде не без своја вина “седмата сила“. Едноставно, само треба да се следат прецизно препораките на Прибе. Се советува сите медиуми да бидат ослободени од политички притисоци без закани и притисоци. Медиумите да се дистанцираат од  партиските политики. Јавниот сервис да биде непристрасен и независен од политиката, комерцијалните  и другите влијанија. Медиумите да  имаат важна улога во ситуација на политичка криза и откривањето на  афери на корумпираност. И што е најважно, да се водат од јавниот интерес!

Наместо заклучок, се наметнува  легитимна дилема околу иднината на македонскиот журнализам. Може ли подобро и поинаку?

Секако дека може, но таа мисија (реформа)нема да биде ниту лесна, ниту брза. Како и да е, професионалното новинарство мора да си го пробие патот, но и да го врати ентузијазмот и мотивацијата, кои за жал, беа многу поголеми на  почетокот на деведесеттите години кога се градеше самостојна Македонија.

Звучи помалку цинично, по 25 години од осамостојувањето и  во услови на  плурализам на медиуми, експанзија на социјалните мрежи и  интернет портали, сега да говориме од потребата за освојување на слободата на изразување. Но, кога тоа  се зборува, се мисли на потребата од реформи во медимската сфера, ослободување од скутот на политиката, поголема саморегулација. И она што е најваажно за враќање на довербата во новинарството,која е изгубена. За среќа, не е неповратно. Се уште има здрави јадра на професионализам, постојат мали оази на истражувачко новинарство,  кои за волја на вистината, се резултат или на регионални медиумски платформи, или на странски донации и грантови.

Само со  поголема професионалност, солидарност и здрава клима, може да се дојде до крајната цел. А, тоа е слободно, но и достоинствено новинарство, во кое медиумите нема да бидат ничии мегафони, туку вистинска седма сила која опсервира, критички анализира и ги менува работите на подобро.