Македонски Shqip English

м-р Мимоза Илиеска

Право на работа

Новите технологии и глобалниот автопат на податоци имаат потенцијал да го изменат светот на работата, дури и повеќе од Индустриската револуција. Со оглед на тековната индустријализација, 20-тиот век беше сведок на натамошно опаѓање на земјоделскиот сектор и на поголемата важност на услужниот сектор. Со либерализацијата на светскиот пазар и „сајбер револуцијата“, можностите во гло- балната економија станаа многу пошироки. Оваа нова глобална економија бара високо специјализирани работници, кои треба да бидат добро обучени, флексибилни и високо мотивирани, како и подготвени побрзо да се прилагодат на актуелните пазарни побарувања. Работниците треба да се справат со поголемиот стрес и променливите услови на работа во светло на забрзаната технолошка и структурна промена.

Сé повеќе луѓе работат со половина работно време, се самовработени или се соочуваат со нестабилни услови на работа. Во овој поглед, глобализацијата открива општествени јазови меѓу оние кои што имаат образование, способности и мобилност за да просперираат во една интегрирана светска економија, и оние кои го немаат сето тоа. Овие нови нееднаквости и несигурности водат кон тензии меѓу различните сектори во општеството. Засилената конкурентност, како резултат на либерализацијата на трговијата и финансиските режими, врши голем притисок врз компаниите да ги намалат трошоците на производство. За да ги исполнат овие цели, тие можат или да го намалат скапиот фактор на „трудот“ во производство по пат на автоматизација, вишок на работната сила, или пак да го пренесат производството во земјите со мала платеност на трудот, каде што општествените стандарди се многу пониски. Во глобала, платата и условите за работа можат да се притиснат кон тенденција на опаѓање. Премногу често, последиците се експлоатација, принудна работа и детски труд.

Појавата на „глобализацијата“ влијае врз луѓето во сите делови на светот, но нејзините позитивни исходи не се еднакво распоредени. Сепак, владите имаат сё помала моќ да ги ублажат негативните влијанија предизвикани од сé помалите трговски бариери, најмногу благодарение на новите „глобални играчи“: мултинационалните претпријатија. Општествената димензија на глобализацијата треба да стане главна грижа на меѓународните политики. Повеќе од кога и да е, важно е да се унапредат општествените стандарди и човековите права на меѓународно ниво, со цел да се обезбеди општествена стабилност, мир и развој, давајќи и човечко лице на глобалната економија.

 

1.Право на работа

1.1. Труд и работна сила

Работниот однос (трудот) за многумина е единствен, основен извор на лична и семејна егзистенција, во услови на пазарна економија. „Секој труд од една страна е трошење на човековата работна сила во физиолошка смисла и во ова својство на еднаков човечки или апстрактен човечки труд, ја создава вредноста на стоката. Од друга страна, секој труд е трошење на човековата работна сила во посебна целесообразна форма, а во ова својство на конкретен полезен труд тој произведува употребни вредности. Употребувањето на работната сила е самиот труд. [1]Купецот работната сила ја троши со тоа што нејзиниот продавач ја пушта да работи за купецот“.[2] „Под работна сила, или способност за труд разбирам целокупност на физичките и духовните способности што постојат во телесноста, во живата личност на човекот, што ги става тој во движење секојпат кога произведува употребни вредност од било кој вид“.[3] Под поимот работа се подразбира количеството физички, психички и емоционални напори применети во производството на стоки и услуги за сопствена или за потрошувачката на други лица.

 

1.2. Работа и човекова безбедност

Социјалната и економската сигурност се важни аспекти на човековата безбедност. Во таа смисла, правото на работа и правата на работното место имаат значајна улога во остварувањето на човековата безбедност. Луѓето без пристап до работа или зависат од социјална помош или немаат воопшто никакви изгледи. Правото на работа, како стандард на човековите права, оди многу подалеку од едноставно зачувување на опстанокот, затоа што задоволувањето на основните потреби не е доволно за да се зајакне човековата безбедност. Правата на работниците обезбедуваат пристојни услови за работа, но исто така заштитуваат од дискриминација и експлоатација на работното место.

 

Примерите на кршење на човековите права во контекст на работата, се движат од деца коишто работат во рудници на јаглен, должничката работа или комерцијалната сексуална експлоатација на деца. Човековите права од оваа перспектива исто така се занимаваат и со лошите услови за работа, како што се нездравата или опасна работна средина или експлоататорските часови на работа.

 

1.3. Работа: право или обврска?

Зошто ни е потребно човеково право за нешто што претставува должност, којашто е поврзана со оптоварување или ментален или физички напор? Поради овие негативни импликации, често постои забуна во врска со концептот на правото на работа. Меѓутоа, работата е тесно поврзана со човековото достоинство и со учеството во општеството, додека невработеноста може да доведе до сериозна фрустрација, па дури и депресија. Работата исто така може да биде средство за самоостварување и да придонесе за развојот на личноста. Правото на работа осигурува дека никој не е исклучен од светот на работата сам по себе, односно ова право првенствено се однесува на пристапот до работа, но исто така ја опфаќа и заштитата од неправедно отпуштање од работа.

Членот 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права при ООН (МПЕСКП) гласи „Државите договорни страни го признаваат правото на секого на праведни и поволни услови за работа со кои се осигуруваат праведни плати и еднаква платеност за работа од еднаква вредност без разлика од каков било вид; пристоен живот; безбедни и здрави услови за работа; еднаква можност за секого за унапредување; одмор, слободно време и разумно ограничување на работните часови.“

  1. Меѓународна организација на трудот (МОТ) (International Labour Organization - ILO)

 Меѓународната организација на трудот е создадена во 1919 година. Таа беше основана со цел да ја изрази големата загриженост во поглед на социјалната реформа по завршувањето на Првата светска војна. Врз основа на силното верување дека сиромаштијата е опасност за просперитетот и сигурноста насекаде, МОТ има за цел да ги подобри условите за работните луѓе низ целиот свет без дискриминација по основ на расата, родовата припадност или општественото потекло. Во 1969 година, беше добитник на Нобеловата награда за мир за својата работа. МОТ има трипартитен состав, односно негови членови се претставниците на државите, синдикатите и работодавците.[4] Република Македонија е членка на МОТ од 28. Мај 1993.

 

  1. Универзална декларација за човекови права (УДЧП)

 Универзалната декларација за човекови права[5] содржи широк спектар на човекови права коишто се однесуваат на работата. Сите овие права се понатаму развиени во двата Меѓународни пакта на ОН, со коишто тие се правнообврзувачки за државите договорни страни.

 

Членот 23 од Универзалната декларација за човекови права гласи:

(1) Секој има право на работа, на слободен избор на вработување, на праведни и поволни услови за работа и на заштита од невработеност.

(2) Секој, без каква било дискриминација, има право на еднакво право на еднаква платеност за еднаква работа.

(3) Секој оној којшто работи има право на праведна и поволна плата којашто нему и на неговото семејство им осигурува егзистенција достојна на човековото достоинство, и надополнета, доколку е тоа потребно, по пат на други средства на социјална заштита.

(4)  Секој има право да формира или да се придружи на синдикати за заштита на своите интереси.“

 

Членот 24 од Универзалната декларација за човекови права гласи: „Секој има право на одмор и слободно време, вклучувајќи разумна ограниченост на работните часови.

Секој има право на стандард на живеење соодветен на неговото здравје и благосостојба, како и на здравјето и благосостојбата на неговото семејство и право на сигурност во случај на невработеност, болест, инвалидитет, или друг недостаток од средства за живот. “  

 

3.1. Основни човекови права

Сите права се универзални, неделиви, меѓузависни и меѓуповрзани. Иако меѓународното право за човекови права дозволува легитимни ограничувања, исклучоци и резерви, тие мора да се извршат во строго определени околности. Дури и во вонредни состојби, одредени основни човекови права се применуваат секогаш. „Основните права се заштитени со меѓународното обичајно право и меѓународните договори за човекови права, вклучувајќи го Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (МПЕСКП)“.[6]

 

Член 6 од МПЕСК гласи „Правото на работа, го опфаќа правото на секого на можноста да заработи за живот со работа, која слободно ја избира или прифаќа. Чекорите кои треба да се преземат за да се постигне целосно остварување на ова право, вклучуваат техничко и стручно советување и програми за обука“

 

 

 

  1. 4. Законска регулатива во Република Македонија

Во Република Македонија, правото на работа, како и правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос се прецизирани во Законот за работни односи. [7]

Со Законот за работни односи, се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со Законот за работни односи, колективен договор и договор за вработување. Покрај Законот за работни односи постојат уште неколку закони чии одредби се насочени во поглед на заштита на правата на работникот и тоа: Закон за мирно решавање на работните односи, Закон за медијација на работните спорови, Закон за минимална плата, Закон за синдикално здружување и право на штрајк.

 

Заклучок

Идеалот на слободното човечко суштество што ги ужива граѓанските и политичките слободи и кое е ослободено од страв и беда, може да се постигне само ако се создадат услови што на секому му овозможуваат да ги ужива своите граѓански и политички права, како и своите економски, социјални и културни права. За да се остварат овие цели потребно е во секое општество да се дискутира за врската меѓу човековото достоинство, човековата безбедност и пристојните услови за работа.

 

Користена литература:

Генералното собрание на Обединетите нации, Универзална декларација за човековите права, 10 декември 1948 г.

Карл Маркс, Капитал, (Скопје, Мисла, 1975).

Цуцуловски, Љубомир, Марксовиот концепт за човекот, трудот и оттуѓувањето, (Скопје, Комунист, 1981).

 

https://mk.wikipedia.org/wiki

 

http://www.aktiv.mk/attachments/article

 

[1] Марксовата антрополошка доктрина укажува дека преку трудот, со чија помош се создава очовечената природа, животот на човекот се збогатува за уште една димензија: гледајќи го предметниот свет тој се гледа самиот себеси и гледајќи се во него, тој истовремено станува свесен дека овој свет е дел од него, еден вид знак кој и по него останува да живее како доказ за неговото постоење. Трудот е живот што раѓа живот и до толку повеќе ќе биде извор на задоволството, среќата и слободата. Трудот е она со чија помош човекот се потврдува себе и во што ја наоѓа смислата на своето постоење.

[2] Карл Маркс, Капитал, (Мисла, Скопје, 1975), стр.154 и 163.

[3] Цуцуловски, Љубомир, Марксовиот концепт за човекот, трудот и оттуѓувањето, (Скопје, Комунист 1981), стр.41-45.

[4] https://mk.wikipedia.org/wiki

[5] На 10 декември 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои и прогласи Универзалната декларација за човекови права.

[6] http://www.aktiv.mk/attachments/article/

[7] Службен весник на Р.М бр.74, од 08.05.2015 година, Закон за работните односи, пречистен текст, член, 1.