Македонски Shqip English

Агим Мифтари

НЕЗАВИСНО СУДСТВО

 Идејата за независно судство е во функција на две темелни вредности во секое демократско општество, а тоа се:

 -Заштита на човековите слободи и права, како битен услов и гаранција за нивно почитување и унапредување, и 

 -Владеење на правото, преку непристрасна примена на правото, без оглед на положбата и својствата на странките.

 Владеењето на правото и остварувањето на човековите права не може да постои доколку нема независно судство. Бројни се меѓународните докумети и договори што ја истакнуваат важноста на независноста на судството.  Во основните начела на Обидинетите нации за независно судство стои: “Државата е должна да ја гарантира независноста на судството и таа треба да биде заштитена со Уставот или со законите на земјата. Сите владини или други институции се должни да ја почитуваат и да ја штитат незавиноста на судството”. 

Оваа Конвенција Република Македонија ја има ратификувано во април, 1997 година.

 Правото, пак, да се биде суден од независен суд е заштитено со Европската конвенција за човекови права, како и со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права.

 Важен документ за независноста на судството е и Универзалната декларација за независност на судиите во која е кажано: “Секој судија е слободен, а должност на судиите е да одлучуваат во случаите, истите да ги судат непристрасно, во согласност со нивната проценка на фактите и со нивното разбирање на законот, без какви било ограничувања и влијанија, дирекни или индиректни од која било страна или заради која било причина”. 

 Во Универзалната повелба за судиите е истакнато: “Судијата, како носител на судиската функција, мора да биде личност, да ги извршува судиските надлежности ослободен од социјален, економски и политички притисок и независно од другите судии и од судската администрација”.

 Судската независност може да биде гарантирана само доколку рамката во која судиите ги извршуваат своите функции обезбедува доволно механизми против обидите несоодветно да се влијае врз спроведувањето на правдата. Таквите механизми за гарантирање на судската независност се наведени во Европската конвенција за човекови права и ги опфаќаат следниве услови, односно  критериуми за незавиност на судството: начинот на именување на судиите, времетраењето на мандатот и заштитата од надворешен притисок. Другите меѓународни документи, покрај овие фактори, ја посочуваат и важноста на платите на судиите и условите на службата, како и одредени релевантни фактори кои одредуваат дали судиите се доволно заштитени од несоодветни влијанија.

Ваквите темелни вредности се во функција на судството, а во Уставот на Република Македонија се обезбедени преку уставното начело за поделба на власта на законодавна, извршна и судска, односно преку конституирање на независното судство, Оттука, како највисок гарант за заштита на владеењето на правото и гарант и чувар на човековите права и слободи утврдени со Уставот и со меѓународните документи се судовите и судиите како носители на судската власт.

Независноста на судската власт е гарантирана во Уставот на Република Македонија со Амандманот XXV, кој гласи:

 “Судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон којшто се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”.

Независната положба на судијата во Уставот на Република Македонија е загарантирана во член 99, каде е кажано: “Судијата се избира без ограничување на мандатот. Судијата не може да биде преместен против своја волја”. 

Судијата нема да се чуствува слободен да одлучува  исклучиво врз основа на закон доколку законската регулатива и условите на службата не му обезбедуваат доволна заштита од несоодветни обиди за влијание врз неговите одлуки. Меѓутоа, треба да се каже и дека и најдобрата можна законска регулатива не може да гарантира независни судски одлуки доколку самите судии не се целосно подготвени да пресудуваат единствено врз основа на закон, наместо да демонстрираат послушност кон надворешни влијанија. Треба да се каже и тоа дека независноста на судството не зависи само од законската регулатива, туку и од спроведувањето на истата во практика, како и од чуството на самите судии за својата независност.

 Желбата за политичка инструментализација на судството е неминовна карактеристика на секоја власт, во сите општества, па исклучок не може да биде ни власта во Република Македонија.

Носителите на политичката моќ и влијание, а посебно претензиите на извршната власт, секогаш биле и  се насочени кон тоа судството да го држат под своја контрола за да можат во секој момент да го ефектуираат таквото влијание.

Судскиот совет на Република Македонија е дефиниран како самостоен и независен орган во судството којшто ја обезбедува и ја гарантира независноста и самостојноста на судската власт (Амандман XXVIII од Уставот на Република Македонија). Вака дадената дефиниција прокламира дека Советот има статус на независен и самостоен орган,, поточно дека е орган со целосен интeгритет во вршењето на своите функции.

 Меѓутоа, сите принципи и стандарди коишто се однесуваат на независноста и самостојноста на судството и судиите во Република Македонија во практиката не секогаш, не од сите и не во сите сегменти доследно се применуваат. Практиката покажува дека има недоследности во примената на сите меѓународни документи коишто се однесуваат на независноста на судството и судиите и дека е големо влијанието во работата и одлучувањето  на судиите. Меѓутоа, практиката покажува и дека е големо и влијанието во работата и одлучувањето и на Советот од страна на претставниците на законодавната и извршната власт, особено во изборот и унапредувањето на судиите.

Заради ваквите недоследности во примената на принципите и стандардите се поставува прашањето што треба во иднина да направи независното судство за востановените основи на независноста и самостојноста да ги унапреди и да им даде содржина и правец за понатамошно јакнење на својата положба и влијание врз состојбите во државата, посебно во делот на остварувањето на правата и слободите на граѓаните и сите други субјекти?. Излезните решенија за отстранување на посочените негативности мора да се бараат внатре во самото судство, со учество на самите судии, без да се чека некој друг од надвор  да ги реши. За да може да се отстранат ваквите неповолни состојби во развојот и остварувањето на независноста и самостојноста на судството и судиите потребно е и понатаму да се продолжи со развојот и со примената на институционалните гаранции, како елементи за надворешната и внатрешната независност на судството, а посебно за независноста на судиите.