Македонски Shqip English

Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РМ

Седница на ССРМ – 30.10.2018

  

 

    Судскиот совет на Република Македонија (Советот) на 30.10.2018 година одржа две седници, во отсуство на Министерот за правда, Претседателот на Врховниот суд на РМ и еден член на Советот (оправдано отсутен) и изврши избор на судии и претседатели на судови.

За претседател на Апелационен суд Скопје избрана е досегашната ВД претседателка Лидија Димчевска која е судијка со над 31 година работен стаж од кои речиси 17 години во овој суд, а претходно со стаж и во Основен суд Куманово. Таа имаше 260 бода и беше трето рангирана на конечната ранг листа.

За претседател на Основен суд Дебар избран е досегашниот ВД претседател, Илир Исени, судија од овој суд кој има 7 години работен стаж и со 230 бода беше прв на конечната ранг листа.

Десет месеци по објавениот оглас Советот избра еден судија во Апелационен суд Скопје на кривична област и тоа судијката Лирие Елези Ајрулау од Основен суд Скопје 1 Скопје која има 6 години судиски стаж. Таа со 260 бода беше прва на конечната ранг листа за кандидати од заедниците кои не се мнозинство во РМ. Постапката за овој избор траеше подолго поради вонредното оценување за 2017 година на судиите кои покажаа голем интерес за ова судиско место (беа пријавени над 20 судии, а беа поделени во две ранг листи заради запазување на принципот на правична застапеност).

Се одложи изборот на судија во Врховниот суд на РМ на кривична област. И покрај утврдената конечна ранг листа, се одлучи гласањето да се изврши на некоја наредна седница.

Бодувањето на сите судии е извршено според Законот за Судскиот совет кој беше на сила до декември 2017 година бидејќи огласот беше објавен на 20.12.2017 година пред стапување на сила на законските измени кои на два пати следуваа подоцна.

Се избраа тројца судии во управното судство и тоа еден судија во Вишиот управен суд и двајца судии во Управниот суд. За овие судиски места се пријавиле над 40 кандидати (некои од нив се пријавиле на огласот за во двата суда). Интересот е голем бидејќи за овие судиски места не е задолжително кандидатите да имаат претходен судиски стаж туку е доволен како услов и само работен стаж во органите на државната управа. Се истакна дека во оваа постапка значителен дел од кандидатите не го положиле психолошкиот тест и тестот за интегритет.

За судија во Виш управен суд е избран Субки Јакупи. Тој има над 22 години работен стаж и тоа: како адвокат, Директор на Државниот управен инспекторат, а на јавноста и е познат по извршувањето на функцијата член на Државната изборна комисија, како и по функцијата Заменик министер за правда.

За судии во Управниот суд беа избрани: (1) Елизабета Васкова, со работен стаж над 21 година од кои има стаж и како стручен соработник во Основен суд Скопје 2 Скопје и како поранешен Генерален секретар во Судскиот совет и (2) Имсале Асани, стручен соработник во Основен суд Тетово со 8 години работен стаж.

За прв пат во постапката за избор на судии и претседатели на судови сите членови на Судскиот совет поединечно ги образложуваа причините кои се основа за нивниот глас. Оваа нивна обврска произлегува од законските измени, а истата ја практикуваа само за судиите кои на денешната седница беа избрани за претседател на суд или пак за судија во повисок суд, но не и за судиите кои не беа избрани, а имаа повисок број бодови од избраните судии.

Советот расправаше и по една точка од дневниот ред која е затворена за јавноста – за две постапки за утврдување одговорност на судија или претседател на суд.

Утре ќе продолжи 288-та седница на која ќе бидат разгледувани претставките и поплаките поднесени од граѓани и правни лица.